(Галерија) По Скопje, Битола и Струмица ја пречекаа информативната кампања за можностите за студирање на универзитетите во Република Бугарија
По главниот град Скопје, Битола и Струмица ја пречекаа информативната кампања на бугарското Министерство за образование и наука за можностите пред идните студенти од РС Македонија своето високо образование да го добијат во Бугарија. Организатори на настанот што од 7 до 9 декември се одржа во Скопје, Битола и Струмица, се Министерството за образование и наука на Бугарија заедно со Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, Генералниот конзулат на Република Бугарија во Битола и Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје.
Дванаесет од најдобрите бугарски високообразовни институции се претставија пред јавноста на РС Македонија. Претставниците на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, Националната спортска академија „Васил Левски“-Софија, Американскиот универзитет во Бугарија од Благоевград, Југозападниот универзитет од истиот град, Тракискиот универзитет од Стара Загора, Медицинскиот универзитет од Плевен, Вишото военоморско училиште „Никола Вапцаров“-Варна, Технички универзитет- Варна, Универзитетот за врски и пошта, Хемиско-технолошкиот и металуршки универзитет и Уметничката академија музика, танц и ликовна уметност од Пловдив, ги претставија можностите за студирање пред идните студенти што го посетија караванот на бугарските високообразовни институции.
„Ова претставување, беше потикнато од долгогодишниот интерес на македонските студенти да студираат на бугарските универзитети, а исто така и од добрите образовни и културни врски меѓу двете земји. Студентите од РС Македонија имаат можност да се образоваат во повеќе од 2000 стручни насоки во повеќе од 30 универзитети. Најголем е интересот за медицината, компјутерските технологии, инженерските насоки, психологијата, правото и др. Дипломата добиена во бугарските универзитети е признаена во целата Европска унија. Поради тоа е сосема нормално да има толкав интерес од страна на идните студенти од РС Македонија, да го добијат своето високо образование во Бугарија“, изјави за „Трибуна“, Галина Дреновска, директор на дирекцијата за високо образование кон Министерството за образование и наука на Бугарија.
















