Османи: Северна Македонија од идната година претседава со Процесот за соработка на Југоисточна Европа

/

Министерот за надворешни работи Бујар Османи во Солун, Грција учествува на Состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).

Министерскиот состанок за надворешни работи се одржа во рамките на завршните состаноци на грчкото претседавањето со ПСЈИЕ под мотото „Зајакнување на синергиите на Југоисточна Европа“. Во фокусот на разговорите беше регионалната соработка во светло на растечката нестабилност и негативните влијанија од Руската агресија врз Украина. Истовремено беа разменети мислења за Европската перспектива на регионот, важноста да се приоретизира енергетската безбедност, напорите за интензивирање на соработката за справување со безбедносните прашања, како и унапредувањето на зелениот договор и адресирањето на климатските промени.

Заблагодарувајќи се за успешното претседавање на Грција во вонредните околности како и за поддршката на европската интеграција на земјите од ПСЈИЕ кои се уште не се земји членки на ЕУ, Османи се осврна на важноста од суштинското унапредување на регионалната соработка во момент кога целата меѓународна заедница се соочува со предизвиците на покачените цени на енергенсите и основните продукти и сировини како последица од војната во Украина. Порача дека сите форми на регионално организирање кои имаат за цел намалување на бирократските бариери и градење на заеднички регионален пазар треба да се третираат со потребната итност и целосен ангажман на Владите. Во таа насока ги потенцираше проектите за унапредување на инфраструктурата, за обезбедување на енергетска диверзификација и исполнување на целите на зелената агенда за Западен Балкан. Посочи на исклучително позитивниот ефект од укинување на роаминг тарифите помеѓу земјите од регионот и напорите истите да се укинат и во однос на земјите членки на ЕУ како и на воспоставувањето на т.н. Зелени ленти за превозниците со најава за нивно проширување и кон земјите членки на ЕУ, започнувајќи со границата помеѓу Северна Македонија и Грција, како примери на добри пракси за натамошно делување.

По однос на европската перспектива на регионот министерот Османи изјави дека “нема поважна, поефективна и покатализирачка одлука за зајакнување на стабилноста и поривот за реформи и ЕУ ентузијазмот во регионот на ЈИЕ од онаа да се отворат пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, без понатамошно одлагање и изговори, за што моментот е созреан“.

На состанокот беше усвоена и декларација, според која Северна Македонија го презема претседавањето со  ПСЈИЕ за периодот јуни 2023- јуни 2024, по завршувањето на следното претседателство на Црна Гора и како дел од Тројката заедно со Грција. Претседавањето со оваа регионална организација се случува паралелно со претседавањето со ОБСЕ од 1 јануари 2023 година. Со ова, Република Северна Македонија се етаблира како актер кој има дипломатски капацитети да претседава со важни регионални и меѓународни форуми и организации.



Извор: Зоом.мк



Претходна статија

Мицкоски: Трите барања на Петков се порадикални од тие на Каракачанов, не знам дали има некој нормален што ќе го прифати ова

Следна статија

65 нови случаи со КОВИД-19– пријавени се 3 починати лица

Најново од Вести