(Галерија/видео) Со поворка со факели Благоевград ја одбележа 120-та годишнина од избувнувањето на Илинденско-Преображенското востание
Со поворка со факели синоќа во Благоевград беше одбележана 120-годишнината од Илинденско-Преображенското востание. Поворката тргна од споменикот Гоце Делчев на плоштадот Македонија. Децата, младите и возрасните на ваков начин ја покажаа својата почит кон храброста и пожртвуваноста на борците за слобода, кои ги дадоа своите животи во востанието што избувна пред 120 години, јавува БТА.
Поворката ја предводеа членовите на регионалниот огранок на националното друштво „Традиција“, а млади девојки со бугарското знаме во рацете ги следеа. Деца и возрасни прошетаа низ централниот дел на Благоевград, застанувајќи пред спомениците на Пејо Јаворов и Тодор Александров, пред споменикот на Македонско-одринската милиција, спомениците на Ичко Бојчев и Илјо Војвода, каде поставија венци и свежо цвеќе. Поворката заврши пред споменикот на Гоце Делчев во Благоевград.
Поворката со факели е кулминација на настаните организирани од општина Благоевград, културните институции во градот и разни организации поврзани со одбележувањето на 120-годишнината од Илиденско-Преображенското востание. Прославите започнаа на 20 јули со отворањето на првиот дел од изложбата „За неа ние се бориме, за неа ние умираме“ на централниот плоштад „Георги Измирлиев – Македончето“, а вториот дел од изложбата беше отворен вчера во салата на Регионалниот историски музеј во градот.
На 30 јули во населбата „Вароша“ во Благоевград пред жителите и гостите на градот беше претставена историска реконструкција „Илинденски камбани“. Во историската реконструкција беа пресоздадени моменти од Илинденско-Преображенското востание.
Со почеток од 9:00 часот локално време во дворот на црквата „Воведение на Богородица“ се одржа панихида во спомен на загинатите за време на Илинденско-Преображенското востание.