ГАЛИЧКА СВАДБА НЕ Е ОБИЧНА СВАДБА ТУКУ КУЛТУРНА МАНИФЕСТАЦИЈА

Месната заедница Галичник реагира по повод објавите на дел од медиумите, во која се цитира став на член на Комисијата за заразни болести во врска со одржувањето на културната манифестација Галичка свадба.  Изјавата на членот на Комисијата според нив е проблематична од неколку аспекти.

„Пред се’, одржувањето на оваа културна манифестација го споредува со одржување “свадби и други масовни собирања”, што укажува на елементарно непознавање на тоа што оваа културна манифестација претставува. Галичка свадба не е масовен семеен настан, туку културна манифестација од национален интерес, влезена како таква во програмата на Министерството за култура, редовно одржувана под покровителство на Претстедателот на државата и за која известуваат сите домашни и голем број релевантни странски медиуми. Како дел од светското културно наследство, оваа манифестација е од непроценливо значење за нашиот идентитет и култура.

Понатаму, покажува нефер однос кон организаторите кои доставија детален протокол заедно со барањето за мислење доставено до Комисијата, во кој беше предвидено дека манифестацијата ќе се одржи без публика, со директно емитување во живо, со сосем ограничен број учесници (вкупно 90 од кои само 35 директни учесници во обичаите (чие учество ќе беше дозволено единствено со негативен Ковид тест и кои во ниту еден момент не се наоѓаат на исто место во исто време), а останатите се организатори, обезбедување и техничка поддршка, настанот ќе беше обезбеден од страна на професионална агенција за обезбедување, редари- волонтери и МВР, а Галичник ќе беше затворен за посетители“, се вели во нивното соопштение.