ГАРВАНЛИЕВ, МОЖАТ САМО ДА ТИ СЕ ФАТАТ!

//

Во изминатите години Македонија имаше претставници на Евровизија од речиси сите етнички заедници во земјата и тоа не претставуваше никаков општествен предизвик. Калиопи – Влаинка, Тијана Дапчевиќ – граѓанин на Србија, Адријан Гаџа- Албанец, великанот Есма Реџепова- Ромка и ред други.

Денеска, претставник на Македонија е Васил Гарванлиев, човек со богата автобиографија и сериозна музичка кариера, кое по правило би следело да е повод за гордост, но искреноста и чесноста во нашата држава за жал се повод за омраза и навреди.

Најпрво се возбудија „душегрижниците” на македонскиот патриотизам од кадар во спотот, кој е всушност уметничко дело, кадар избран од режисерот на самиот видео клип, но тоа воопшто не се укажа како бариера за нивната злоба и искомплексираност. Истовремено би додал еден едноставен факт, повод за длабоко размислување, присутен во редица промотивни или музички спотови, но и во секојдневието на истите „душегрижници” како што е албанското знаме, поставено на редица институции, јавни места и обележја, но тоа не им пречи во постапката за вработување или градење на кариера дел од истите „душегрижници” или нивни блиски и роднини да се самоопределат за Албанци, Турци или други.

Се укажа „фатална” грешка за Гарванлиев да ја каже вистината за потеклото на неговата баба и за неговото бугарско државјанство, кое за жал предизвика низа од реакции. Во нашето општество вистината и искреноста е повод за омраза, а лагата, манипулацијата и криењето се издигнати на ниво на култ.

Огромен дел од разјарените и силно вознемирени „патриоти”, нивни блиски или роднини се државјани и на други земји, вклучително и на Бугарија. Тој факт многу „патриотски” го кријат, за него манипулираат и лажат, но тоа не претставува повод да се засрамат, точно обратно, стануваат агресивно вулгарни и арогантни.

Сѐ уште го паметам оној велемајсторски гол од корнер против Англија на легендарниот Артим Шаќири, од тогаш многу Англичани научија за Македонија. Искрено се надевам, Васил да е тој „играч”, кој на оваа Евровизија ќе постигне таков погодок кој уште долги години ќе биде повод за наша гордост, но и причина целиот свет да слушне и види нешто квалитетно и достојно од Македонија.

Гарванлиев, можат само да ти се фатат, не си ти виновен за тоа што дел од нашето општество е полно со комплекси, никогаш во животот опера не слушнале, театарот им е мисловна именка, а огромен дел од нашите сограѓани најголемото дело кое го прочитале е Зоки Поки, не бидејќи сакале, а затоа што ги натерале од училиште во прво одделение. Ти почитуван Васил, ќе продолжиш да ја радуваш публиката во Париз, Милано, Виена и цел свет, а ние кои не те заслужуваме за жал, еден ден ќе се гордееме со твоите успеси и ќе се фалиме дека сме од Македонија, знаете оној Васил Гарванлиев, баритонот од Струмица…

Омразата ќе ја прегази уметноста, но и човечноста!

Автор: Петар Колев, претседател на ГДУ



Претходна статија

КАРАКАЧАНОВ: НЕМАМЕ ТЕРИТОРИЈАЛНИ ПРЕТЕНЗИИ, НИТУ ПРЕТЕНЗИИ ЗА МАЛЦИНСТВО КОН РС МАКЕДОНИЈА

Следна статија

БЕДА И ТАГА…

Најново од Истакнато