Гаши на средба со екс-претседатели на Собранието – предложено основање неформален совет
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со поранешните претседатели на законодавниот дом – Тито Петковски, Саво Климовски, Никола Поповски и Трајко Вељаноски.
Во објава на Фејсбук, Гаши истакна дека станува збор за прва средба од ваков вид, со институционален карактер, на која биле разменети искуства и идеи за унапредување на работата и улогата на Собранието.
На средбата било предложено формирање на неформален совет составен од поранешни претседатели, кој ќе служи како платформа за размена на идеи и искуства, без политички влијанија.
„Разговаравме за реформите и процесите што треба да го направат Собранието понезависно, потранспарентно и поефикасно. Се согласивме дека искуството на поранешните претседатели е голема предност за институцијата. Искрено им се заблагодарувам за подготвеноста за соработка. Собранието останува заеднички дом на сите граѓани и место каде што политичките процеси се водат со достоинство и одговорност,“ напиша Гаши.

