ГДУ: КУМАНОВО КО МИЛАНО, ПОД ИТНО!

//

„Ударна вест деновиве за Куманово е сечењето на дрвјата кај автобуската постојка Уред. Со право реагираат граѓаните за дрвјата кои живот значат. Тие и другите дрвја во центарот ни се последниот бедем за заштита од загадениот воздух. А допрва ќе го почувствуваме ова ,,силување“ на природата.

Да се разбереме-не е проблем во самата сеча на овие две дрвја. И повеќе се исечени и никој никогаш нема реагирано. Проблем е непостоење на стратегија како да се рашири зеленилото и истото да се унапредува, за да биде во полза на здравјето на нашите граѓани.
Граѓанско Демократска Унија -Куманово прашува – Која стратегија е утврдена од страна на општинските власти и за кој период истата треба да биде реализирана? Колку нови садници ќе бидат посадени во строгиот центар на градот и на кои локации? Едноставно, имаме ли место за садење?

Сметаме дека Куманово ни е направено асфалтна и бетонска џунгла, каде зеленило не вирее. На сметка на ширењето на зградите и куќите (со паркинг местата) неповратно ни е одземена природата. Дрвја по центарот може и на рака да се бројат, а и се помалку и помалку се. Никако не можеме да попримиме европски манири, па пред нешто да се гради или проширува, прво да се осмисли каде и какво зеленило ќе се постави.

Дишеме воздух, кој се квалификува меѓу најзагадените во Европа. И после кога нашите граѓани заболуваат од хронични белодробни заболувања или се зголемува стапката на смртност од овој фактор, се вадиме на индустријата и сообраќајот. И навистина ни се виновни дрвјата-ама не оние огревните.

Виновни ни се сите оние дрвја, кои ние нелогично и бесплански ги имаме исечено и уништено. Сите оние што ни го прочистуваа воздухот и што живееја за нас. Сите оние што сега ги нема.



Затоа, апел до локалната власт. Под итно акции за озеленување на животниот простор. И тоа огромен број на дрвја на сите позиции што можат да се искористат. Тие ни е неопходни. Без нив не можеме.
Дополнително, секоја дозвола за градба задолжително да биде поврзана со определен број и квалитет на садници што исто ќе бидат засадени до новата градба. Единствено така ќе се воведе ред во овој хаос на уништување на природата.

ГДУ Куманово повикува на организирање итна средба на Советот на Општината каде единствена тема ќе биде озеленувањето на Куманово. Дајте примерот на Милано да го копираме во Куманово. Она што дало одлични резултати нема потреба да го менуваме. А планот нека биде изработен од екологистите и инженерите за животна средина, кои најдобро треба да знаат како да ја заштитите природата од нас самите.

Ајде малку Зелени од Куманово, обединете се“, стои во соопштението на локалниот клуб на Граѓанско Демократската Унија во Куманово.



Претходна статија

ДРЖАВАТА НУДИ 10 ОТСТО ПОКАЧУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ ЗА НАСТАВНИЦИТЕ НО ОД АПРИЛ

Следна статија

МЕНЧЕ ТОЧИ: ЗА ЕДНА ГОДИНА ГОЛЕМ БРОЈ ДОКТОРИ ЌЕ ЗАМИНАТ ВО ПЕНЗИЈА И СИСТЕМОТ ЌЕ КОЛАБИРА

Најново од Вести