| |

ГДУ-КУМАНОВО СО НОВИ ПРЕДЛОГ МЕРКИ ВО БОРБАТА СО КОРОНА ВИРУСОТ

„Граѓанско Демократска Унија врз основа на искуствата од овие неколку дена воспоставена вонредна состојба, како и искуствата од другите погодени земји од светот, ги предлага овие 5 мерки кои што Владата треба, час поскоро, да ги усвои и имплементира.

  1. Полициски час од 17.00 часот до 06.00 часот;
  2. Дозволено движење на лица постари од 60 години само од 06.00 до 09.00 часот;
  3. Јавно објавен список на лица кои се ставени во самоизолација или задолжителен државен карантин;
  4. Итни, строго контролирани и транспарентни тендери за набавка на респиратори, заштитни одела, заштитни маски и сите потребни медикаменти;
  5. Лимитирано дозволено купување на неопходните артикли во продавниците и аптеките;

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

  1. Полицискиот час кој вчера беше прогласен, според сите релевантни чинители нема да влијае на ширењето на вирусот, туку само на ограниченото движење на населението. Значи практично нема ништо да смени. За вистински резултати на полицискиот час мора истиот да биде во подолг период и надвор од неговиот опсег да биде само времето неопходно потребно за извршување на работните задачи или набавките на храна и лекови.
  2. Лицата постари од 60 години, како целно најпогодена група од вирусот, мора да имаат уште порестриктивно право на движење. Нема веќе бесцелно шетање по улиците, плоштадите, парковите, продавниците. Само набавка на храна и лекови кога има најмалку движење на населението и затварање во домовите. Во останатиот период да бидат максимално опслужувани од волонтери.
  3. По примерот на Црна Гора, јавно објавување и секојдневно обновување на списокот на лицата кои се во задолжителна самоизолација или задолжителен државен карантин. Нема тука податоци дали само се потенцијални или се навистина заболени. Само име, презиме, адреса каде се наоѓа лицето моментално. За оваа намена ќе биде суспендиран од употреба Законот за заштита на лични податоци. Сепак јавниот интерес-јавното здравје е попретежен во моментот отколку заштитата на личните податоци на поединците.
  4. Нашиот здравствен систем ни оддалеку не е подготвен за борбата што му претстои. Мора да ги опремиме болниците, но и да го заштитите здравствениот персонал. Не можеме со народни лекови и бабини чајчиња да го победиме вирусот. Мора брзо да се реагира за набавките, но сепак сето тоа во законски испочитувани тендерски постапки. Кога сѐ ќе заврши, ќе се поднесуваат сметки и тогаш сакале или не, некој и кривично ќе одговара ако има злоупотреби.
  5. Искуството на Данска да го копираме, без модификации. Артиклите во продавниците и аптеките треба да им бидат достапни на што е поширок круг на луѓе. Несолидарното и себично купување само за себе, без осет за оние што ќе дојдат после нас или што немаат толку пари се решава брзо и едноставно. Првиот производ по пазарна цена, а секој следен за 1000% поскапо, па повелете купете. Секако ова се под силна контрола на Државниот пазарен инспекторат, за да ги избегнеме сите злоупотреби околу определување на пазарната цена. Секој обид за профитирање на грб на граѓаните да се казнува со ригорозни санкции, по џебот на сопствениците“, се вели во соопштението на ГДУ-Куманово.


Слични Објави