„Смртта“ на Македонија

//

Пишува: Маузер

Шамарот е удар со отворена рака по противникот, што во повеќето случаи има за цел да понижи отколку да повреди, иако на некои места може да биде особено болен. Вчера Зоран Заев и СДСМ – Краљево почувствуваа на својот образ што значи да ти „врзат“ сочен шамар. Секако не буквално, Заев веројатно од 27ми април 2017 наваму не е физички повреден, но метафорички сочниот шамар дојде од македонското гласачко тело на локалните избори што се одржаа завчера.

Причините за поразот можеме да ги набројуваме и дебатираме цел ден, но очигледно е дека овие избори беа пред се референдум за одобрување на владеењето на СДСМ. Се’ друго е само оправдување за очигледното, а имено дека народот му сврте грб на Заев, кој да бидеме чесни никогаш и не го имал во целост на своја страна. Поразот секако не е катастрофален, СДСМ веројатно ќе си замине со 15-тина општини, а во игра се и за најголемите градови, но и тоа е далеку од очекувањата. Најголем пораз СДСМ доживеа во Скопје каде што е сосема возможно да не освојат ниту една општина, па дури ни традиционалните бастиони како Карпош и Центар. Со моменталните консталации Скопје опасно виси и не гледам начин на кој можат да го извадат затоа што математиката со ДУИ не им испадна како што треба. Ако успеат да победат само во Карпош и Центар и вкупно 15 општини на ниво на цела држава ќе биде успех и спасување на тоа што може да се спаси.

Со самите резултати, кампањите и што и како во вториот круг завршив, па редно време е да се посветам на самата цел на оваа колумна – долгорочните последици од овие избори. Секако насловот е малку драматичен и има за цел да „шокира“, но сме на конечната пресвртница на тоа дали Македонија за 10 години ќе биде слепото црево на Европа и пустина без никаков просперитет на видик. Ќе речат некои, па Македонија е веќе таква, но јас не би се согласил. Секогаш може полошо, а Македонија се’ уште има некаква сламка за спас. Таа сламка за спас, колку и да звучи веќе 100 пати преџвакано и вештачки е што побрзото зачленување на Македонија во ЕУ. Е сега Македонија за жал на тоа поле тапка во место и ќе продолжи да тапка се’ додека не се реши последното отворено прашње со соседите, а тоа е бугарското прашање.

Стратегијата на која сметаше Македонија, а имено дека со надворешен притисок ќе ја натера Бугарија да попушти, без да направиме некаква отстапка пропадна. Во Софија ги фати инат, а во ЕУ има доволно членки, кои би биле сосема задоволни проширувањето на ЕУ да запре на неодредено време и кои би давале преќутна поддршка на ветото на Бугарија. Спорот толку се оддолжи, што дури и дојдовме во посакуваната за Македонија фаза, а таа е да не се збори повеќе за историјaта, но и покрај тоа се’ уште немаме никаков напредок. Надежите сега се свртени кон тоа дека Бугарија оваа есен ќе се формира влада со која што ќе може нешто да се договори, но работите отидоа толку далеку што и таа нова владе ќе мора на своите гласачи да им претстави неколку победи во спорот со Македонија. Едноставно, ако сакаме брзо решение за блокадата и датум за преговори догодина македонската страна ќе мора да прави отстапки, што по пат на договор би биле што побезболни за Македонија и за власта. Другата опција е Македонија да се подготви за уште еден долгорочен конфликт, којшто ќе ја носи ЕУ што подалку од Македонија,а земјата економски и политички ќе продолжи да заостанува зад земјите во регионот. Втората опција би била катастрофална за македонската држава, но после овие избори ми се чини како многу возможна, а времето за одлука кој пат ќе го фатиме, дојде.



Пред Заев има два избора кои ги наведов погоре. После овие избори е јасно дека неговата власт е во сериозна криза. Владата е стабилна, има уште 3 години мандат пред себе и доста време да проба да ја смени состојбата, но изгледите за победа во 2024 се мали. Постојат две линии по кои може да се тргне сега, таа на помал или на посилен отпор. Таа на помал отпор, за која што за жал мислам дека ќе се одлучи Заев, е линијата според која ќе гледа да удри на популизам и благ национализам насочен кон Бугарија во надеж дека ќе купи дел од гласачкото тело и дека нема веќе да биде перцепиран како предавник, кој само потпишува капитулации со соседите. Тоа значи дека договор со Бугарија и датум за преговори нема да имаме во наредните 3 години, а веројатно ни после тоа. Втората опција е таа да реши да го затвори прашањето по секоја цена и да добие датум, да ги почне преговорите догодина и до изборите да отвори/затвори некое поглавје. Тогаш на изборите во 2024 година ќе може да отиде со приказна дека е лидер кој ги затворил сите отворени и повеќедецениски конфликти, обезбедил членство во НАТО, преговори со ЕУ, попис, двојазичност итн. И во целост да отиде на кампања која што ќе биде исклучиво базирана врз тоа дека е лидер кој носи тешки одлуки и избори за европската перспектива на Македонија.

Реалноста е дека и во двата случаи Заев повторно би ги изгубил изборите, а на власт би дошла партијата од Ваљево. Разликата е во тоа, дали Македонија во меѓувреме ќе започне преговори што српскиот четнички покрет ДПМНЕ може само да ги успори малце или ќе остане ова да биде спор кој ќе се одвива во наредните 5-10 години. Како и тој со Грција секоја наредна рунда би била се потешка за нас бидејќи ќе има помала поддршка во народот за договор, а отстапките што ќе мора да се направат да бидат поголеми. За македонската нација и држава тоа би било катастрофално и може да доведе до нивен целосен распад. Со опцијата да се договори со Бугарија не само тоа што ќе ја одржи државата и нејзината долгорочна перспектива, туку и шансите на Заев по некое чудо да ја задржи власта се поголеми. Ако ништо друго останува автентичен dealmaker и носител на европската перспектива на Македонија. „Патриотските“ кругови и онака го мразат и не постои теоретска шанса со инатење кон Бугарија да ги купи „никогаш северна“ гласачите. Автентичноста секогаш била подобра од лажирањето и копирање на конкуренцијата.

На крајот постои и трета, но екстремно малку веројатна опција. Таа опција е Софија да се уплаши од можноста Македонија и Македонците да „извршат самоубиство“, па да направи големи отстапки со цел Македонија да не се распадне. Бугарија влезе во овој спор да добие некаква сатисфакција за сите болки нанесени во 20тиот век, но не и со цел да ја распадне Македонија. Во тој случај Македонија треба да се надева дека Бугарија е повеќе заинтересирана за нејзиниот опстанок отколку самите Македонци. А Македонија во секој случај ќе продолжи да опстојува. Се додека на светот има принцип на неделивост на границите таа ќе опстои. Албанците не се веќе истите од 2001ва и нема да се дрзнат да прецртуваат граници, ниту пак некој ќе им дозволи такво нешто. Македонија на еден или на друг начин ќе продолжи да живурка како во целост албанизирана и србизирана државичка без никаква економска перспектива, во постојан конфликт со соседите и во постојана криза на иденититетот. Тоа според мене е рамно на смрт за Македонија и македонската нација. Стравувам дека македонските политички елити ја водат директно кон тоа.

Претходна статија

(Видео) Прекрасните Бисера и Лидија- убавите лица на бугарскиот фолклор

Следна статија

Бугарија, Македонија и Албанија потпишаа договор, Коридорот 8 да биде готов до 2030-та година

Најново од Истакнато