| |

ГДУ-КУМАНОВО: СООБРАЌАЈНИ СТОЛПЧИЊА

Се поставуваат сообраќајни столпчиња на булевар „Октомвриска револуција“. Акција за поздравување затоа што конечно секој ќе си го добие својот дел од патот. Коловозот за моторните возила, велосипедската патека за велосипедите и пешачката патека за слободно движење на пешаците, мајките со детски колички и луѓето во инвалидски колички. Ќе биде секој на своето.

Само што Куманово не би било тоа што е да не излезе проблем и од оваа активност на локалната самоуправа. Граѓанско Демократска Унија како партија на сите граѓани во Куманово ги поставува следниве прашања и бара одговори на истите:

Како прво проблемот на урбанистичкото осмислување на градот. Некои од зградите на „Октомвриска револуција“ немаат втор пристапен пат, различен од влезот од булеварот. Е сега ако со ГУП и ДУП на Куманово, „Октомвриска револуција“ е осмислена како булевар и магистрален пат, како овие наши граѓани да си дојдат до своите домови, а без да прават секојдневни сообраќајни прекршоци?

Втор проблем е паркинг местото за секој од домовите кои се наоѓаат на овој булевар. Излезе дека имаме изградено згради без доволен број на паркинг места. Кој Орган изврши надзор и даде одобрение за употреба на станбено или станбено-деловните објекти, без обезбедени доволен број на паркинг места? Нели е ова спротивно на Законот за градење? Дали овде нема место за поведување на дисциплински или дури и кривични постапки за овластените лица кај надлежните државни Органи кои извршиле технички преглед на градбата и дале одобрение за употреба на градбата?

Како трето, што ќе правиме со деловните објекти кои се наоѓаат на булеварот? Како тие нормално да функционираат и секојдневно да ја обавуваат својата претежна дејност, ако немаат пристап за снабдување со стока или за отпремање на истата на крајните корисници? Сведоци сме дека немаат сите влез/излез на задната страна, за да можат од другата страна на зградата да ги вршат овие дејности. Повеќето од нив од задната страна гледаат во реката Кумановка. Призор, каков што само може да се посака. Пристап-никаков.

И како најважно се наметна прашањето на нашата култура општо, а посебно на сообраќајната култура. Според она што можеме да го видиме во првите неколку дена од поставувањето на столпчињата, ние уште не сме културно на тоа ниво да можеме да ги прифатиме овие сообраќајни помагала и да се однесуваме согласно на нивната намена. Така сведоци сме дека сега десната страна од булеварот (лентата од десно) станува нов паркинг простор за возилата, а велосипедистите, како и до сега (е таа пуста навика) си возат по коловозот. Џабе ни велосипедска патека, кога луѓето не знаат што е тоа, а не како ли да се користи. Повторно ни недостига само уште пешаците да се вратат на коловозот и сѐ да си биде како порано, пред поставувањето на столпчињата. Само што ќе имаме повеќе слободен простор.

Значи ќе ни треба уште планирање и решавање на бројни проблеми за да сообраќајните столпчиња го дадат својот допринос во регулирањето на сообраќајот во Куманово. Нивното поставување е најлесен дел од задачата. Сепак како ГДУ Локален клуб Куманово даваме целосна поддршка за нив и за напорите на локалната власт да се воведе ред во сообраќајот, крајно време беше, се вели во соопштението на локалниот клуб на ГДУ во Куманово.

Слични Објави