ГДУ ПРОСЛАВИ ЕДНА ГОДИНА ОД ПОСТОЕЊЕТО НА СВОЈОТ ЛОКАЛЕН КЛУБ ВО ШТИП
Локалниот клуб на партијата Граѓанско Демократска Унија во Штип, синоќа во хотелот „Оаза“ го прослави својот прв роденден. Во формалниот дел на настанот, локалното раководство на партијата направи кратка ретроспектива на сработеното од огранокот на партијата во Штип и околината.
Во своите излагања говорниците Бојана Дрангова, член на НК на ГДУ, Марјан Михов потпредседател на ГДУ Штип, Борче Пачемски, претседател на ГДУ Штип, и претседателот на партијата Петар Колев, го насочија вниманието на големиот број гости кон тешката економска состојба на жителите од источниот регион и проблемот со масовното иселување на луѓето од овој дел на државата.
„Што видовме од досегашните партии, не се многу, две, кој што ни се познати на сите нас?
Освен тоа што многу родители останаа да си ги гледаат децата преку социјалните мрежи и тоа што 90% од младите се запишуваат на факултет само за да работат во странство, не видовме ништо друго.
За што се бореле нашите предци? За да ни го променат знамето?! За да ни го променат името?! Или пак за нивните внуци и правнуци да се иселуваат?! Се бореле за подобар живот во Македонија, се бореле за да ни овозможат мир и правда! Досегашните партии донесоа сѐ освен мирот, правдата и еднаквоста.
Да не дозволиме повеќе СДСМ и ВМРО да си играат со нас. Време е да се освестиме и да дадеме шанса на некој друг“- истакна Бојана Дрангова, член на НК на ГДУ.
„Како што ветивме пред точно една година дека ќе се залагаме за решавање за сите проблеми на граѓаните како на локално така и на национално ниво, така и направивме. Би сакал да го споменам расчистувањето на отпадот во населбата Баби, нешто што беше загрижувачко по здравјето на локалното население. Благодарение на нашата партија успеавме да ја разбудиме свеста на локалната власт која успешно се справи со овој проблем. Ист е случајот со делумно санирањето на колекторската цевка во Ново Село, а бидејќи и овој проблем делумно се реши после повеќе наши пресови и интервенции поради кои власта превзеде мерки за нејзино решавање. Не смееме да го заборавиме ниту поставувањето на мостот на реката Брегалница, бидејќи за негово решавање голем удел има токму Граѓанско Демократската Унија“, изјави потпретседателот на ГДУ-Штип, Марјан Михов.
Во своето обраќање пред присутните претседателот на локалниот клуб на ГДУ во Штип Борче Пачемски, го стави акцентот врз потребата од брза промена на начинот на кој што ја водат својата политика двете најбогати партии во Македонија и должноста да се одбрани земјата од лошото владеење и на едните и на другите од осамостојувањето до денес.
„Ни зборуваат за морал и за правда . Мораме да разбереме дека правда во Македонија нема, се додека 10-те проценти поседуваат богатство поголемо одколку 90-те проценти заедно.
Стотици илјади луѓе работат прекувремена работа за мизерни плати и не успеваат дома да однесат пари за да ги задоволат потребите на нивните дечиња.
Нема правда се додека луѓе умираат поради недостиг на услови за лечење и чекајќи за да бидат прегледани во мој термин.
Како можеме да зборуваме за морал и правда кога им се врти грбот на децата на нашата земја. Во нашата држава има пари за лубриканти и за цвеќиња во влада а нема пари за лечење на болните.
Се прашувам кој би можел да и пријде на мајка која го изгубила своето дете поради лошите услови во здравството и лошиот систем , или на граѓанин кои се надеваат на донации од смс пораки за лечење на тешка болест.
Поради ова ние мораме да им кажеме на избраната елита дека има цена која нема да ја платиме и дека има линија од која нема да се повлечеме. Наша должност е да го сочуваме ова парче земја што ни го оставиле нашите предци за ние да им го оставиме на нашите деца и на нивните деца“, изјави пред присутните гости претседателот на локалниот клуб на ГДУ во Штип, Борче Пачемски.
„Кога зборуваме за економски раст мораме да сфатиме дека тој е дирекно поврзан со куповната моќ на граѓаните. Колку поголема куповна моќ имаат толку поголема потрошувачка и поголема потреба од производство има.
Затоа почитувани за да се ублажи инфлација, но и да се зголеми куповната моќ на граѓаните ние предлагаме намалување на ДДВ на 15 % а основните прехранбени продукти, лекарствата и книгите да се облагаат со само 5% ДДВ. тоа се реални мерки за борба против сиромаштијата и инфлацијата“- изјави претседателот на ГДУ, Петар Колев.
Пред присутните првиот човек на Граѓанско Демократска Унија ги образложи чекорите како ќе се избегне дупката во буџетот откако ќе биде намален данокот на додадена вредност.
Колев повика на рационализација на јавните трошоци, без непродуктивни проекти како Скопје 2014 и без купување на хелокоптери додека немаме доволен број амбулантни возила во земјата.
Во своето излагање Колев повторно ја истакна потребата од намалување на бројот на пратеници во Собранието и на министрите во владата. Според Колев македонското Собрание може да функционира без никаков проблем со 60 пратеници, а владата со 15 министри, без министрите без ресор, преку кои според претседателот на ГДУ, се купува политички мир во земјата.
Колев побара рационализација на бројот на советници во општините давајќи го примерот со градот Њујорк кој има 50 советници и Скопје кој што има 45.
Колев ја нагласи потребата и од дисциплинирање на јавната администрација, од која што треба да си заминат сите рамковни вработени, кои не одат на работа, а примаат плата.
„Фискална дисциплина на цела територија… јавна тајна е дека во цели градови и енклави не се плаќа данок. Кај нас овде во истокот нема дуќанче, бутка, кафетерија и слично што не издава фискална“-изјави Колев.
Во својот говор Колев го нарече правосудниот систем рак- рана на македонското општество.
„Застаре делото на Бучковски, на Груевски… Бегалците од законот почнаа да работат во ресторани во Грција… Оној бројчаникот за вратените средства го заборавивме… Така или иначе нема да се случи… Тогаш предлагам, да го закачи Заев, но да ги покани и Мицкоски и Ахмети на свеченото отворање, бројчаник на избеганите од провосудството и правдата во Македонија “- изјави Колев.
Петар Колев ја нарече ГДУ алатката преку која граѓаните ќе и удрат шлаканица на политичката елита и ќе и дадат црвен картон.
„Ова оружје почитувани, кое денеска е во нашите раце… ГДУ можеме да го искористиме и на 12 април да им удриме шлаканица на таканаречената политичка елита, да им дадеме заедно црвен картон… Да го забиеме копјето во срцето на злото… Или….. да го оставиме настрана, забиено во земја копјето полека и бавно да го изеде работ на времето…!
Ние почитувани, немаме друг избор освен на ова зло да му го ставиме крајот бидејќи се работи за нашите животи и животите на нашите деца! Вистината е најсилното оружје со кое можеме да го промениме нашиот живот, но и иднината на нашите деца! Македонија заслужува битка до последниот атом енергија и ние сме подготвени да ја водиме! “, изјави во своето обраќање претседателот на ГДУ, Петар Колев.