ГДУ: СО ПОМАЛКУ ПРАТЕНИЦИ И МИНИСТРИ, ЌЕ ИМАМЕ ПАРИ ДА ИНВЕСТИРАМЕ ВО УЧИЛИШТА

Граѓанско Демократската Унија во реформите кои ги предлага, предвидува една изборна единица и прогресивен изборен цензус со цел да ги отворат вратите на Собранието за помалите политички партии.

Еден од приоритетите на Граѓанско Демократката Унија (ГДУ) е намалување на бројот на пратеници од 120 на 90, проследено со повеќе реформи на администрацијата кои треба да овозможат и позитивни промени за намалување на непродуктивните трошоци на централниот буџет.

Партијата, како што изјави најзиниот пертседател Петар Колев, ќе се залага и за намалување на бројот на министри, како и на бројот на членовите на општинските совети и на Град Скопје.

– Во период од една до три години партијата верува дека може да се спроведат промени кои ќе ѝ овозможат на Македонија на секои избори да добива функционален и репрезентативен законодавен дом, но и ќе ја ограничат моќта што пратеникот ја добива со неговиот глас. Неопходна е и рационализација на владата, односно намалување на бројот на министерства, агенции и други органи кои се во нејзин состав. Во моментов тие се дел од политичкиот пазар меѓу партијата на власт и соработниците и се користат за раздолжување за некаква поддршка или верност. На новиот парламент дванаесет месеци би му биле доволен период за рационализација на администрацијата. Резултатот ќе биде ослободување на финансии што ќе може да се искористат за капиталните проекти што ќе го подобрат животот на сите граѓани во Македонија – изјави Колев.

Промената на профилот на парламентарецот од „послушник на партијата“ во индивидуа која нема да молчи и на прво место ќе го стави државниот интерес, според ГДУ бара поголеми, но неопходни реформи на изборниот процес во Македонија. Возможни единствено ако реформите прво го зафатат врвот на пирамидата.

– Во Собранието имаме огромна машина за стискање копчиња која во период од еден мандат по основа на нето плата ги чини граѓаните над 7.000.000 евра. За половина од тие пари може да изградиме модерно училиште со капацитет за 800 деца. Во 2020 година Собранието ќе потроши 10 милиони евра. Половината се доволни за две модерни училишта – објаснува Колев.

Граѓанско Демократската Унија во реформите кои ги предлага, предвидува една изборна единица и прогресивен изборен цензус со цел да ги отворат вратите на Собранието за помалите политички партии, а со тоа да се внесе и конкуренција меѓу политичките чинители на македонската политичка сцена. Практично ова значи дека цензусот за еден политички субјект е помал од цензусот потребен за коалиција од две партии или цензусот за коалиција од три или повеќе партии е повисок од оној за две партии. За кандидатите кои доаѓаат од граѓански, независни листи, пак, партијата предлага да се квалификуваат без цензус.