Геополитика, подморници, пиринци…
Пишува: Владимир Перев
Прво беше путиновиот пријател и поддржувач, Виктор Орбан. Го пратија на кафе, а тие решаваа за помошта на Украине. Да ја спасуваат Украина од агресорот и нацистот Путин, но и да го спасат него-Орбан од рускиот гнев. Унгарците добро го осознаа “рускиот гнев“ во 1945 година. Таман ја подзаборавија таа 1945-та “интернационалните совети“ во 1954 година, одново со тенкови низ Будимпешта, ги потсетија на нивните “интернационални“ обврски. Унгарската понизност е нивниот спас при евентуална нова нациболшевичка агресија…лекцијата е научена. Првиот кој ја научи е Орбан. Затоа и влезе во ЕУ без проблеми, со наведена глава.
Наместо политикантството на Орбан да биде лекција за некои наши политичари, главниот актер во играта стана кафето. Болната желба и влажните соништа на некои овде е, Румен Радев да биде “пратен да пие кафе“. Така Македонија ќе се спасела од бугарското неевропско однесување, ќе не примеле во ЕУ “едногласно“ (ако Радев е на кафе) а нашите прински браќа ќе ги добиеле своите права. Може и да се реши некако, Бугарија да го смени Уставот. Проблемот е колку време Радев “ќе пие кафе“!
За Мицотакис и другите грчки политичари никој ништо не говори. Тие си пијат ципораки или узаки и воопшто глава не ги боли. Овдешните “нивни“ дојдени по Втората светска војна се декларирани југословени и титовисти, некои и антички македонци, а “нашите“ останати таму, за нас овде не сакаат ни да чујат. Тие си ги знаат причините.
Деновиве се смени ситуацијата. Дамите ја презедоа акцијата. Прво, претседателката Силјановска Давкова даде заклетва во име на непостоечка држава. За да не остане по долу и познатата “антидискриминаторка“ Бендева измисли некаква недоквакана кратенка за нашето име, нешто кое го употребуваат само новинарите кои ги мрзи да го пишуваат целото име на државата, а патем сакаат да бидат во тон со општото мислење за Преспанскиот договор.
Некаде, во сенката на тие собитија, стои победничкиот лик на Христијан Мицкоски, лидерот на победничката ДПМНЕ. За Груевски никој ништо не зборува.
Ама, деновиве се смени геополитичката ситуација, тоа проклетство на малите држави и народи. Работите тргнаа на лошо. Руска подморница и руски бродови заминаа на воена вежба на Карибите и каде, ако не во близина на Куба. Истовремено и амерканците испратија подморница во близина на Гуантанамо, на пушкомет од кубанскиот брег.
Ако Америка имаше двојствени емоции и размисли за војната во Украина, ако малку се подосвести по агресијата на Хамас врз Израел и палестинските насилија и злосторства врз израелците, руските пловила во близина на Куба, навлегуваат во битието на американското опстојување. Напуштената Монроова доктрина не е заборавена. Таа е суштината на американската политика на планетава, таа е одбраната на сеамериканскиот политички идентитет во Западната хемисфера.
И порано имаше таков случај. Мојата генерација се сеќава на времето Хрушчов-Кенеди и ракетната криза во 1962 година, кога светот се исплаши од нуклеарна војна. Тогавашната титова ФНРЈ беше избезумена од страв од нови сукоби во светот. Се плашеше за себе си, за уште незалечените партизански/четнички, усташки/домбрански па и михајловистичко-бугарски рани. Борците и “параборците“ од сите фронтови на Втората светска војна, го извадија и подмачкаа оружјето од војната, подготвувајќи се за нова “конечна“ пресметка. За едно деноноќие во цела Југославија снема брашно, сол, шеќер, сувомеснати производи и чоколадо…се ствараа воени резерви. Граѓанската војна беше на повидок.
Конфликтот беше одбегнат, советите се повлекоа, а следниот ден Радиото “Глас на Америка“ објави, дека американски бродови со брашно и храна патуваат кон Риека за да ги пополнат изпразнетите резерви на државата. Сепак, коментаторот Грга Златопер, не одбегна уште еднаш, по којзнае кој пат, да го нарече претседателот Тито, “Тито-бандито“!
Одамна минато време на новинарски и лични слободи!
Самитот на шефови на држави и влади на учесниците во ПСЈИЕ минатите денови во Скопје, ги повтори старите македонски размисли за името, идентитетот и новата методологија за нивната експликација во јавност. Одново Силјановска Давкова! Почнува да личи на агонија!
На средбата на ПСЈИЕ Бугарија беше претставена од заменик министерот за надворешни работи, Иван Кондов. Тој, во бугарскиот Културно информативен центар во Скопје, имаше срдаба со организациите на македонските бугари, средба плодотворна, како никогаш до сега. Директно, јасно и со отворени мисли ја искажа својата (и на Бугарија) поддршка на бугарските организации овде, како и на политиката и дејствијата на тие организации во Македонија. Одново јасно и гласно кажа дека “без внесување на бугарите во Уставот на РСМ, Бугарија нема да даде поддршка на напорите на Македонија за влез во Унијата“. Сето тоа беше коректно пренесено од повеќето македонски медии.
Но, имаше нешто што медиите не го кажаа. Имено, 1. претставниците на тие организации изјавија јасна и јавна поддршка на праведната борба на Украина против рускиот агресор и 2. организациите на бугарите во Македонија, не даваат согласност, за македонистичките организации од Бугарија-Пиринска Македонија, да се реализираат заклучоците на Советот на Европа. Македонските бугари не се согласни, македонистите од Пиринско да уживаат колективни малцински права и да се нарушува актуелниот Устав на Бугарија. Ние сметаме, како што рече еден од дискутантите, дека тоа го нарушува бугарскиот етнички идентитет, значи и идентитетот на македонските бугари истовремено.
Европа крвави, Израел се бори за својот опстанок, а Америка ја преиспитува својата глобална политика. Некаде, прикриен во својот бункер, Путин со сладострастие ги следи настаните…Бугарија се бори со своето русофилство и жед за демократија. Ако некој во Македонија мисли дека сега е моментот, во оваа политичка, национална, геостратегиска и етничка светска калакурница, да го извлече својот профит гадно се лаже. Малите први страдаат!
Орбан пие кафе…
Пилотите не пијат кафе, тие треба да војуваат!
СТАВОВИТЕ И МИСЛЕЊАТА ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕКОГАШ СЕ ИЗРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА ПОРТАЛОТ „ТРИБУНА“

