| |

Геополитика- само нека падне Киев

Пишува: Владимир Перев

Меѓу читателите, но и меѓу новинарите, најомразени и најпрезрени се пишувачите на текстови насловени како “геополитика“. Ги обвинуваат за сѐ и сѐшто-најчесто за високомерност, нескромност и непознавање на состојбите за кои пишуваат. Тоа е делимично точно. Најчесто, предвидувањата на поголемиот дел од “геопишувачите“ не се остваруваат. Но, правото да се пишуваат такви текстови останува.

Војната во Украина станува нешто како “deja vu“, нешто што се случувало како навечерие на Втората светска војна. Илузиите дека Хитлер ќе биде запрен после Минхенската спогодба и дека “мирот е спасен“ (Н. Чемберлен) се покажаа како илузија врз која паднаа десетици милиони жртви, се доживеа трагиката на Холокаустот и се промени политичката и идеолошка карта на светот за нацизмот, фашизмот и комунизмот да го покажат своето грдо лице.

После седумдесет години, ништо не е променето. Надежите дека модерниот нацист Путин ќе биде запрен со премолчаната анексија и преземањето на Крим, се покажаа како отворен пат кон агресија врз Украина, а сега веќе и како можност за Трета светска војна. Некои велат дека војната е веќе почната, само што нам овде и на целиот западен свет тоа не нѝ е јасно…тоа го знае само Владимир Владимирович и цврсто ја води својата воена агенда. Тоа би требало да биде падот на Украина, освојувањето на Киев, падот на украинската армија и администрација и окупирањето на земјата под превезот на “денацификација и пацификација“. Сите чекаат да “падне“ Киев…

Геополитичките пишувачи би рекле дека тоа е само кратка пауза, колку да се земе здив и замав кон освојувањето на она, што денес личи на обезличена Европа…патиштата на руската армија водат кон Берлин и Париз. Таму ќе се склучува капитулантскиот “европски мир“.

Има ли Путин поддржувачи? Да, тие се веќе јасно оцртани. Тука се Кина, Америка по теркот на Трамп, Индија, Турција и некои малку поневажни земји на таа геополитичка карта, но земји кои прокламираат свои интереси.

Во моментот кога Европа ќе падне на колена, Русија и Турција ќе навлезат на Блискиот исток, ќе го збришат Израел од геополитичката карта и ќе станат основниот доставувач за енергенси во Европа и Азија. Кина посредно ќе владе со територии поголеми од нејзината и со нови многубројни народи…тоа ќе биде страховлада. Непозната е судбината на Јапонија, а за Индија и така никој не се интересира освен за ресурсите. Турција ќе владее со исламските земји од Блискиот исток (без Сауди Арабија и Иран) со вековната амбиција да се прошири до бреговите на Дунав и Сава, а може би и повеќе. Таа е веќе тука, само треба да се инсталира во институциите. Мислата на Давутоглу дека “сонува наутро да се буди со брановите на Дунав“ е во фаза на полна реализација.

Каде сме тука ние, Западен Балкан. Просто речено, никаде!

Никој веќе не сака да пишува и да се занимава со политиката на Вучиќ за “голема Србија“, освен ако не се работи за поддршка на Косово во борбата за самостојност и државна меѓународна идентификација. Русија во таа игра е “кочничарот“, но евидентен статист. Унгарија на Орбан и “двете столчиња“ е само прикриена амбиција со лажливо унгарско-српско пријателство, за неговата амбиција да се прошири на старите унгарски територии на југ. Во последниве две-три години Орбан има пласирано над 800 милиони евра за поддршка на унгарските заедници во Војводина, Трансилванија и Славонија. Купува имоти и луѓе, формира организации…го чека својот момент! Тоа ќе биде моментот на распадот на Европа каква што ја знаеме.

Во оваа “битка на тронови“ највпечатливата личност е бугарскиот претседател Румен Радев. Офицер-пилот од висока класа, тој се образувал во двете најголеми воени алијанси на светот, ја видел нивната сила и ги проценил нивните способности. Иако Бугарија е член на НАТО и ЕУ, Радев никогаш не дал експлицитна изјава во поддршка на НАТО или на Украина. Секогаш говори за “разумен мир и мирно решавање на конфликтот“. Традиционално русофилскиот дел на бугарското општество, наследен уште од 1878 година и зацврстен за време на советската окупација на Бугарија 1944-89 година, од една страна, како и модерните барања на бугарите за застапеност на европските вредности во општеството, од друга страна, се менгемето кое ја стега неговата личност и дејствие. Русофилите тихомолком го поддржуваат, додека пак бугарските “европјци“ директно и без задржка го обвинуваат за национален предавник, кому еден ден би требало да му се суди! Но, некаде меѓу повиците “осана“ и “распни го“, бледнее неговата дејност на патриотизам и национализам.

Веќе три години Радев говори дека “без регулирање на правата на бугарите во Северна Македонија и без нивното вметнување во Уставот на Северна Македонија“, Бугарија нема да го одобри почетокот на преговорите на земјата со ЕУ. Деновиве, директно и без нималку фемкање, отворено му порача на српскиот претседател Вучиќ, дека Бугарија нема да даде можност Србија да преговара со ЕУ, без да се почитуваат историските права на бугарите во Западните покраини. Тоа беше вистински шок за Вучиќ, за српските политичари и медиите, како и за македонските србомански медии и портали. Историски гледано, вака, со вакво достоинство, никој бугарски раководител не разговарал со еден српски претседател или политичар.

Најстрашното за нас овде и за србите е тоа што тој така навистина и мисли да дејствува.

Пилотот на “двете алијанси“ веројатно има своја проценка за геополитичката ситуација и крајот на војната во Украина. Него не го интересира кој губи а кој добива, знае дека во секој случај, Србија е губитникот. Ќе се формира Косово, ако треба и Русија ќе биде бабицата. Радев сака Бугарија да ја прошири на запад, на земјите од големото царство на Симеон и Крум. Тие ќе му бидат дадени од НАТО во случај на победа, бидејки Бугарија е таму член…Северна Македонија и Западните покраини ќе бидат воениот плен на Бугарија, нејзино враќање на исконските нејзини територии.

Победата на Русија не менува ништо. По евентуален пораз на НАТО руските војски по навика, ќе влезат во Бугарија, но нема да запрат на Делчево или Берово. Нивната крајна цел ќе биде Дебар на запад и Гевгелија на југ. Тоа е одамна зацртана стратегија, уште од времето на Андропов. Македонија одново ќе биде “администрирана“ од Бугарија, а знаете ли, кој ќе биде “главниот администратор“?! Лесно е да се досетите. Земјите на Западен Балкан ќе бидат некаков недефиниран православно-исламски кондоминиум, а нивните права ќе се решаваат меѓу Москва и Анкара.

Стратегијата и тактиката на Румен Радев не се ништо ново во историјата. Тој сака да биде победник. Да се сетима само на Квинт Фабиј Максимус, попознат како “кунктатор“, или на тактиката на Кутузов во војната со Наполеон.

Така е тоа, затоа сите ги мразат новинарите кои пишуваат геополитика, па макар ништо од тоа да не се оствари.

Затоа, да внимаваме со “падот“ на Киев!

Е па, слободно, мразете ме…



Слични Објави