Радев: Деблокирани се 370 милиони евра од Планот за закрепнување и отпорност за Бугарија
370 милиони евра од Планот за закрепнување и отпорност за Бугарија се деблокирани од Европската комисија поради довербата во новата влада и забрзаните реформи и законодавни активности. Ова го изјави премиерот Румен Радев на почетокот на владината седница, откако вчера одржа средба во Брисел со Урсула фон дер Лајен.
Постигната е и согласност со Европската комисија за зачувување на работата на „Мини Марица-исток“ и ТЕЦ „Марица-исток 2“ до 2038 година, со гарантирана заштита на рударите и постепен процес на рекултивација и трансформација.
Договорени се и реформи во водниот сектор во заштита на интересите на бугарските општини.
„Очекувам со засилена работа да земеме огромен дел од средствата што ни следуваат по Планот за закрепнување и отпорност, но тоа значи многу, многу засилена работа до крајот на август“, категоричен беше премиерот Радев.
Бугарија ќе започне и разговори со Грција и Романија за заеднички крупни проекти за прекугранична соработка и поврзаност, особено во инфраструктурата.
Токму на овие теми во наредните денови премиерот Радев ќе одржи средба со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во Софија.

