Георг Георгиев: Еврозоната е приоритет за Бугарија, руската агресија е најголемиот предизвик за Европа
Бугарија ја истакнува Еврозоната како приоритет, не само како фактор за економска стабилност, туку и како прашање на безбедност, изјави бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев во интервју за аргентинскиот медиум Todo Noticias (TN), пренесува БГНЕС.
Министерот потенцира дека приемот на еврото е последниот чекор на Бугарија кон целосна евроинтеграција според сите европски механизми. „Од една страна, тоа носи стабилност за економијата, финансискиот и банкарскиот систем. Но, од друга страна, тоа е и прашање на безбедност, бидејќи помага да се спречи каков било обид за интервенција во политичкиот систем на Бугарија. Ова е голем приоритет за нашата влада и среќни сме што ја имаме поддршката на нашите европски колеги. Очекуваме до крајот на оваа или почетокот на следната година да станеме дел од овој значаен финансиски и економски механизам,“ истакна Георгиев.
Тој ја изрази својата увереност дека ќе продолжи зајакнувањето на одбранбениот сектор на ЕУ, како и оптимизмот за постигнување спогодба меѓу ЕУ и Меркосур.
На прашањето за главните предизвици за Европа и конкретно за Бугарија, Георгиев изјави: „Очигледно, најголемиот предизвик за европскиот континент е руската агресија во Украина. За нас, главниот фокус моментално е на безбедносните и одбранбените предизвици. Нашата цел е да постигнеме траен и сигурен мир во Украина, да ја запреме руската агресија, да ги зајакнеме нашите капацитети и да инвестираме уште повеќе во одбраната. Сакаме Европа да биде силен, доверлив партнер, добро подготвен за идните закани, кои не се малку.“
Георгиев подвлече дека инвестициите во безбедноста се неопходни, притоа нагласувајќи ја важноста од одржување силни трансатлантски односи. „Веруваме дека зајакнувањето на сопствените капацитети и функционалности е клучно пред лицето на глобалните предизвици,“ заклучи тој.

