| |

Георг Георгиев на состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ: Поддршката за Украина продолжува, потребен е праведен и траен мир

Министерот за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев, учествуваше на неформалната видео-конференциска седница на Советот за надворешни работи на Европската унија, која се одржа на 11 август 2025 година, јавува бугарското МНР.

На состанокот беа разгледани најновите случувања во дипломатските напори за запирање на руската агресија врз Украина, координацијата со трансатлантските партнери во пресрет на претстојната средба меѓу претседателите на САД и Русија во Алјаска, како и продолжувањето на сеопфатната поддршка на ЕУ за Украина.

Во своето обраќање, Георгиев го поздрави решителниот ангажман на американскиот претседател Доналд Трамп за запирање на воените дејствија и постигнување мир преку преговори. „Секој договор за мир мора да биде одржлив и праведен, во согласност со принципите на меѓународното право и меѓународниот поредок заснован на правила. Додека тоа не биде постигнато, нашата поддршка за Украина ќе продолжи. Мирот не е само отсуство на војна, туку основа за долгорочна стабилност, безбедност и просперитет за Украина и Европа“, истакна бугарскиот министер.

Тој додаде дека санкциите кон Русија ја докажуваат својата ефикасност и треба да продолжат да се зајакнуваат сè додека агресијата врз Украина не престане.

Министрите разговараа и за состојбата на Блискиот Исток и потребата од забрзување на испораката на неопходна хуманитарна помош за цивилното население во Појасот Газа. „Бугарија е длабоко загрижена од проширувањето на воената операција во Газа. Ги повикуваме на итно и безусловно ослободување на сите заложници што ги држи ‘Хамас’, што ќе овозможи продолжување на напорите за примирје. Хуманитарната помош за жителите на Газа, кои се во критична состојба, мора веднаш да се зголеми“, рече Георгиев.

Тој ја потврди и подготвеноста на Бугарија, заедно со партнерите од ЕУ, да продолжи со интензивни и насочени напори за трајно решавање на блискоисточниот конфликт, врз основа на принципот на две држави.

Слични Објави