| |

Георги Парцалев – најомилениот комедиен актер на Бугарија

Денеска 16 јуни, се навршуваат 100 години од раѓањето на еден од најомилените бугарски актери – Георги Парцалев. Роден во 1925 година во градот Левски, Парцалев останува незаборавен по своите уникатни комедиски улоги и ненадминливиот шарм на сцената и екранот, пишува БГНЕС.

По образование бил доктор – завршил медицина на Софискиот универзитет – Парцалев не студирал актерство. Но љубовта кон театарот го носи на сцената уште во средината на 50-тите години од минатиот век.

Дебитира на филмското платно во 1958 година со комедијата „Љубимец 13“, каде главната улога ја игра Апостол Карамитев – уште едно големо име од бугарската кинематографија. Следуваат децении на блескава кариера, со култни улоги кои го вбројуваат Парцалев меѓу најголемите комичари на бугарскиот театар и филм.

Во 1967 година ја снима сатирата „Кит“, која доживува тешка судбина – цензуриран и ограничуван, филмот се појавува на екраните дури во 1970 година. Фразата „Риба, ама цаца! Цаца, ама риба!“ станува дел од народниот речник.

Во 1972 година, тој се појавува во филмот на Браќата Мормареви „Со деца на море“, во новелата „Фотолубител“, од каде потекнува и незаборавната реплика: „Чичо Манчо, снехте!“ ). Следната година игра во „Сиромашно лето“, партнирајќи си со Татјана Лолова, а улогата на Методи Рашков му ја носи наградата за најдобра машка улога на фестивалот во Прага.

Со Браќата Мормареви Парцалев соработува уште во два филма: „Два диоптри далекогледство“ (1976) и „13-тата свршеница на принцот“ (1987).

Неговата голема неостварена желба била улогата на Дон Кихот – лик што, според многумина, совршено би му прилегал.

Георги Парцалев починал на 31 октомври 1989 година, на 64-годишна возраст, по битка со болеста леукемија.

Слични Објави