Герапетритис до РСМ: Строгото почитување на договорите ќе гарантира интеграција во ЕУ
„Строгото почитување на меѓународните договори е основен принцип на меѓународното право и очигледна обврска за учество во меѓународните организации“, рече министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис, испраќајќи порака до идната влада на Северна Македонија, јавува БГНЕС.
„Договорот од Преспа е меѓународен договор што е ратификуван со закон, тој е апсолутно обврзувачки за страните и не може да се менува еднострано“, истакна дипломатот во интервју за грчкиот онлајн медиум „NewsBomb“.
„Посебно за Северна Македонија, главните услови од Договорот беа вклучени во Уставот на земјата и беа услов за влез во НАТО“, потсети тој.
Герапетритис истакна дека „воздржувањето од еднострани акции и реторика на поделби, доследното усвојување на европското законодавство, признавањето на надмоќта на меѓународното право и целосната имплементација на меѓународните договори се од суштинско значење за да се гарантира стабилноста, безбедноста и просперитетот во нашиот регион и интеграцијата на земјите кандидати во европското семејство“.
БГНЕС потсетува дека Договорот од Преспа беше потпишан на 17 јуни 2018 година во селото Нивици на брегот на Големото Преспанско Езеро од тогашните министри за надворешни работи на двете земји, Никос Коѕиас и Никола Димитров. Присутни беа и премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев. Договорот стави крај на долгогодишниот спор за името на Македонија меѓу властите во Скопје и Атина.