Герасимовски: Општина Центар со итен план за справување со кризата со отпадот
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, објави дека општината ги мобилизира сите служби и ресурси, заедно со Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ), со цел итно решавање на кризата со сметот на територијата на општината.
„Од денес сите вработени добиваат конкретни задачи за решавање на проблемот со отпадот. Нашата цел е да воспоставиме ред и чистота во најкраток можен рок“, изјави Герасимовски.
Во рамки на акцијата, Општина Центар поставува помали контејнери за секојдневен отпад во густо населените делови и поголеми контејнери за кабаст отпад на стратешки локации. ЈП „ПОЦ“ организира посебни пунктови и распоред за собирање на угостителски отпад.
Според новата организација, малите камиони ќе го растовараат отпадот на плац на општествено одговорна фирма, која ѝ излегла во пресрет на општината, а потоа големите камиони ќе го транспортираат отпадот кон депонијата „Дрисла“. Со ова се очекува значително да се забрза процесот на расчистување.
Викендов ќе се спроведе итна дератизација и дезинфекција во сите училишта и градинки, а паралелно ќе се изврши вонредна дератизација во сите 1980 шахти со сертифицирани препарати. Герасимовски апелира и до управителите на згради и куќни совети да организираат внатрешна дератизација, а на секое домаќинство ќе му бидат доделени бесплатни и издржливи кеси за отпад кои добро се затвораат и потешко се кинат.
Општинската инспекција, како што најави градоначалникот, ќе биде постојано на терен, со задача да врши строга контрола и санкционирање на несовесно фрлање отпад од градилишта, дуќани и фирми. Казните ќе бидат ригорозни за сите прекршители. Дополнително, ќе се спроведе засилена дератизација и дезинфекција на јавните површини, парковите и подрумските простории.
„Како градоначалник, целосно се посветувам на решавање на кризната состојба и средбите со граѓаните. Моето непосредно учество во предизборната кампања го редуцирам на минимум, затоа што ова не е време за политика, туку за одговорност и работа“, порача Герасимовски.

