Ѓукановиќ: „Отворен Балкан“ ќе ги уништи Црна Гора, РС Македонија, Koсово и Босна и Херцеговина
Целта и како ќе заврши иницијативата „Отворен Балкан“ се многу јасни. Таа ќе заврши со исчезнувањето на Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и РС Македонија. Тоа секако ќе предизвика војна и одреден геноцид. Ова го изјави црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, пренесува БГНЕС.
„Отворен Балкан“ е проект во кој учествуваат Србија, Албанија и РС Македонија. Татко на овој политички проект е српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Ова е контроверзен проект и де факто алтернативно сценарио за иднината на Западен Балкан надвор од ЕУ. Ова не ни треба. Ни треба членство во Европската унија“, рече Ѓукановиќ во интервју за Автономија. Според него, поддржувачите на овој проект „не ја гледаат иднината на регионот во Европа, ниту пак мултинационалната демократија на Балканот“. „Им се допаѓа идејата за промена на границите, етничка и верска хомогенизација во рамките на големите земји. Како и обично, сè почнува од српска страна, но овој пат под капата на „српскиот свет“. И секако автоматски продолжува со истите големодржавни лудости“, нагласи црногорскиот лидер.
На прашањето: Дали знаеме како ќе заврши еден ваков проект, Мило Ѓукановиќ го вели следното: Секако дека знаеме. „Отворен Балкан“ треба да ги уништи Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Северна Македонија. Сепак, тоа сигурно ќе заврши со војна и некој друг геноцид.
Шефот на државата на Црна Гора предупредува и на опасната улога на СПЦ во неговата земја.
„СПЦ користи лаги и прави историски фалсификати. СПЦ е најзлобната алатка на големосрпскиот национализам и рускиот империјализам на Балканот. СПЦ е вклучена во кражбата на црногорската историја“, вели Мило Ѓукановиќ.