ГО НАРЕКУВАЛЕ НАЈМИСТЕРИОЗНИОТ ЧОВЕК ВО ЕВРОПА- ПРОДАВАЛ ОРУЖЈЕ И БИЛ ЉУБОВНИК НА МНОГУ КРАЛСКИ ОСОБИ

Кон крајот на ноември 1927 година, еден постар човек седел во неговиот дом во Париз и фрлал дрва и хартија во својот камин. Два дена старецот го разгорувал пламенот во каминот, до еден момент во кој огнот станал толку силен што неговите слуги биле загрижени дека целата куќа ќе изгори.

За два дена огромен куп доверливи документи, вклучително и дневници водени цели 58 години, во кои биле запишани сите детали на една скандалозна кариера, биле претворени во пепел.

Така со уште поголема тајност била покриена фигурата на еден од најголемите трговци со оружје, нарекуван од тогашните новинари „најмистериозниот човек во Европа“.

Малкумина луѓе низ историјата можат да се пофалат со скандалозната репутација на стариот Грк познат како Василиј Захаров.

Роден во Анадолија, тогаш дел од Отоманската империја, можеби во 1849 година, Захаров бил сопственик на јавни куќи, заводник подметнувач на пожари, донатор на универзитети и љубовник на неколку кралски особи. Неговите непријатели го нарекуваат „трговец со смрт“, бидејќи своето богатство го должи пред се на меѓународната трговија со оружје со којашто се занимавал долги години.

Во неговите најдобри години, Захаров е прогласен за најлош човек во светот. Захаров речиси 30 години работи како претставник за странство во една од најголемите приватни фирми за оружје „Викерс“. Додека бил жив нема сведоштва дека некогаш изразил жалење заради своето лошо име, туку напротив често знаел да каже гордо дека е „кралот на трговијата со оружје“.

Захаров е роден е во турскиот град Мугла, во семејството на грчки увозник на розово масло, кој според неговите современици зборувал дури 10 светски јазици. Во одреден момент, се верува дека неговото семејство се преселило во Одеса, и токму таму се случува и промената на името на фамилијата со руското име Захаров.

Во крајот на 1920-тите весниците го обвинуваат Захаров за скоро секој можен криминал, вклучително во и провоцирањето на избувнувањето на Првата светска војна. Познато е дека самиот Захаров за себе си тврдел дека студирал во Велика Британија, дека тренирал рагби и дека од својата 7-ма година во себе носи револвер. Захаров е обвинуван и во незаконска продажба на подморници на Грција.

Писателот Озберт Ситвел, го опишува Захаров на следниот начин:

„Тој е злобен и знае да го наметнува својот збор. Има нос како клун и набрчкан врат. Трпелив е и сугестивен со огромна физичка сила“. Ситвел вели дека за време на еден коктел Захаров се запознал со еден пријател на писателот со зборовите: „Јас сум сер Василиј Захаров и поседувам 16 милиони лири“.

Можеме да бидеме сигурни дека во одреден момент од неговите доцни тинејџерски години, младиот Захаров ја напуштил Турција и заминал во Западна Европа. Тој подоцна тврдел дека добил „општо образование во Лондон и Париз“, а водечкиот историчар на „Викерс“ истакнал дека „може само да се претпоставува дали тоа е вистина или не“.

До раните 70-ти години на 19 век, Захаров бил во Велика Британија, каде во 1872 година се оженил со Емили Бароус, ќерка на градежник од Бристол. Набргу потоа, зетот бил уапсен во Белгија под обвинение за проневера на 7.000 фунти стока и хартии од вредност. Захаров станува причина за првиот предмет на неодамна потпишаниот договор за екстрадиција помеѓу Белгија и Велика Британија.

Од Бристол Захаров заминува за Кипар. Според Стефанос Скулудис, кој станува премиер на Грција во 1915 година, токму во текот на овие години Захаров за прв пат бил ангажиран како продавач на оружје, станувајќи претставник за Балканот на мала шведска компанија управувана од пронаоѓачот Торстен Норденфелт. Вистина или не, Захаров се враќа во Велика Британија откако Кипар повторно станува дел од британската сфера на влијание по 1878 година. До 1883 година, тој живеел во Голвеј, Ирска, каде се претставувал за гроф и се занимавал со продажба на бродови. Од тој период се и првите смртни закани што ги добива Захаров, заради неговите авантури со млади девојки, на кои им ветувал работа во наводно негова фабрика во Масачусетс, САД.

По напуштањето на Ирска, Захаров заминува за Соединетите американски држави, каде прави кариера во железницата. Во Јута тврдел дека поседува 4 црни дијаманти, заради кои наводно избувнала Руско-турската војна од 1877 г. Захаров се нашол во виорот на страшен скандал заедно со една од своите љубовници, познатата дама од хајлајфот г-ѓа Перл Клифорд, за која самиот Захаров велел дека е „едно од најубавите гулабчиња во историјата на Сент Луис“. Подоцна Захаров претставувајќи се лажно за гроф и принц успева да се ожени за богатата наследничка Жани Билингс и нејзините 150.000 американски долари. Токму во тој период започнува и истрага против него, бидејќи е обвинет во многоженство.

Познато е дека Захаров го одржува својот висок социјален статус со лажни писма од истакнати луѓе во општеството што ги претставува како оригинални, и со тврдењата дека има библиотека полна со важни документи што му биле доставени од големи европски државници. Захаров се претставувал и како внук на рускиот кнез Александар Горчаков.

Захаров е главниот играч во продажбата на два од најголемите пронајдоци на фирмата „Норденфелт“, а имено повеќебарелниот митралез и подморницата на пареа.

Подморниците на Норденфелт се скапи и целосно бескорисни – опасно нестабилно под вода и толку жешки што членовите на екипажот честопати се онесвестувале, додека биле во нивната внатрешност, но тоа не му пречи на Захаров да продаде дури шест од нив.

Според непотврдени информации богатството на стариот Захаров се проценува на 1,2 милијарди долари. Американскиот печат го опишува како најбогатиот човек во Европа. Неговите пријатели велат дека бил голем донатор и мецена, а неговите ривали и непријатели го обвинуваат дека лично тој е еден од главните виновници за војната меѓу Грција и Турција од 1919 г. И покрај големиот број приказни за големото богатство на Захаров, во тестаментот по неговата смрт била запишана само сумата од 193, 103 фунти или во денешни пари нешто помалку од 1 милион американски долари. Богатството на Захаров, ако воопшто постоело се испарило брзо како што било натрупано.