|

Големата кашлица се шири низ Европа: најранливи бебињата, експертите загрижени поради ниските стапки на вакцинација

Од почетокот на годинава во Чешка починаа две лица како последица на голема кашлица. Во првите три месеци од 2024 година, евидентирано е дека 4.253 луѓе биле заразени со голема кашлица, што е најголем број случаи во Чешка од 1960-тите. Но, оваа болест не е регистрирана само во Чешка, туку и во други европски земји.

Во Чешка неколку години не се евидентирани случаи на голема кашлица, само минатата година Државниот завод за здравство регистрираше еден случај. Првиот заразен 62-годишен маж почина во февруари. Пациентот, кој живеел во старечки дом, бил хоспитализиран на почетокот на март, а потоа починала и една жена, пишува чешкиот портал „Aktualne.cz“.

Околу три проценти од пациентите бараат хоспитализација, велат надлежните во оваа земја.
Заболените се на различна возраст, има 289 над 65 години или околу седум отсто.

Во Велика Британија само во јануари се регистрирани 553 случаи на голема кашлица.

Позната и како „пертусис“ или „магарешка кашлица“, инфекцијата може да биде особено сериозна за бебињата и доенчињата, па затоа властите повикуваат на задолжителна вакцинација на бремените жени и децата.

Агенцијата за јавно здравје на Холандија е загрижена поради брзото зголемување на бројот на новородени бебиња кои добиваат голема кашлица.

Во последните недели, на околу 110 деца, меѓу кои 20 бебиња, им е дијагностицирана оваа болест, која може да биде фатална кај новороденчињата. Нивото е повисоко од последниот пик на заразата во 2012 година.

Тјалинг Ленстра, шеф на националната координација за контрола на заразни болести, рече дека епидемијата е концентрирана во појас каде стапките на вакцинација се пониски отколку во остатокот од земјата.

Слични Објави