ГОРДАНА ВИНЧИЌ: ЗА ДА ТВОРИШ ВО ОВОЈ НЕСИГУРЕН СВЕТ ТРЕБА ДА БИДЕШ МАЛКУ ЛУД
Екипа на порталот „Трибуна“ се сретна со ликовната уметничка Гордана Винчиќ во врска со Ликовната колонија во Валандово, која за 25 пат се одржа под покровителството на Министерството за култура на Република Македонија. Годинава проект менаџер на настанот беше токму Гордана Винчиќ и ја искористивме приликата да ни раскаже повеќе за ова случување од сферата на ликовната уметност.
Трибуна: Здраво Гордана, како си? Пред неколку дена се врати од Валандово, раскажи ни што се случуваше таму?
Гордана Винчиќ: Секогаш се осеќам исполнето после еден ваков настан, на кој како домаќинка имам можност да ја споделам со гостите уметници мојата љубов кон македонското богато културно наследство и неисцрпната инспирација која доаѓа од таму. Во интернационалната колинија зедоа учество 12 уметници од Македонија, Бугарија, Косово, Србија, Романија, Албанија и Данска. Еден многу интересен коктел од уметници кои изработија по две уметнички дела со акрил на платно. Делата сега се во сопственост на Домот на културата „25 мај“ во Валандово. Бевме сместени во хотелскиот комплекс „Под Кулите“, кој се наоѓа на неколку минути од самото градче Валандово. Секојдневно творевме дружејќи се еден со друг, а тука морам да го спомнам и љубопитното локално население, кое беше многу отворено, љубезно и дружељубиво. Еднодневната посета на Дојранското езеро беше вистинско уживање, а исто така и посетата на неколкуте околни цркви и манастири. Бевме примени и од градоначалникот на Валандово, кој имаше подготвено подароци инспирирани од македонското културно наследство за сите учесници во колонијата. Во текот на последниот или седмиот ден од колонијата се одржа изложба во центарот на Валандово, на самиот плоштад. Локални таленти ни се придружија со музички изведби, а доделивме и сертификати на сите учесници. Почесен гостин на колонијата беше македонската легенда професорот на ликовната академија во Скопје г-н Костадин Танчев Динка. За многумина од учесниците ова беше прва посета на Македонија, а сите беа воодушевени од гостопримството, природните богатства и културното наследство на нашата земја.
Трибуна: Дали остана нешто ненацртано за време на колонијата?
Гордана Винчиќ: Во текот на творечката недела многумина се инспирираа од околината, дружбата и импресиите што ги имаше во изобилство. Творбите на сите автори беа полни со фигурација и прекрасен колорит. Освен тоа што секој од уметниците направи по две дела на платно, имаше простор за правење на меѓусебни портрети и други уметнички дела.
Трибуна: Колку нови пријатели доби нашата земја после овој симпатичен културен настан? Опишете ми ја силата на платното што ги поврзува луѓето.
Гордана Винчиќ: Сигурна сум дека сите учесници се нови пријатели на нашата земја. Неколкумина од нив дури склучија договори со Домот за култура во Валандово за изложба во 2019 г. Некои од учесниците и самите се организатори на колонии во своите земји. Јас и мојот колега Игор Љубовчевски, кој исто така беше дел од организацијата на колонијата добивме покана да учествуваме на колонија во Турција, во септември годинава. Добивме покана и од нашиот колега од Косово. Платното ја има таа магична сила да ги поврзува луѓето . Творбата на платното зборува со срцето без предрасуди и со голема емпатија. Тоа е и магијата што поврзува.
Трибуна: Колку луд треба да бидеш за да твориш убавина и да организираш настан на кој истата таа убавина ќе се прикаже онака во чиста форма?
Гордана Винчиќ: За да твориш воопшто треба да си малку луд, затоа што животот е многу несигурен и во суштина не знаеш од ден за ден како ќе преживееш. Но кога поривот за да ја споделиш својата пасија со другите е поголем, тогаш и самиот уметник ја губи контролата и твори по секоја цена, макар и да го прогласат за луд. Сепак постојат луѓе во мојата земја кои тоа лудило го препознаваат како нешто позитивно. Тие луѓе ако ги нема, ќе ги нема и уметниците. Тие луѓе препознаваат дека понекогаш уметникот е како дворскиот шут. Го пренесува само она што е во подсвеста на секој поединец, иако другите молчат, шутот си ја знае својата работа. Некој мора да збори, па макар и во чиста форма на платно.