ПОЗНАТ ИДЕНТИТЕТОТ НА МАКЕДОНЕЦОТ УБИЕН ВО АВГАНИСТАН: ТАМУ РАБОТЕЛ ЗА СЕМЕЈСТВОТО, А ОСТАВИ ДВЕ ДЕЦА СИРАЧИЊА

//

Македонски државјанин кој работел како готвач во Авганистан е киднапиран и убиен во близина на Кабул. Авганистанските власти информираа дека во терористичката акција се убиени уште двајца странци. Заедно работеле во кујните на Содексо, светска компанија за храна и кетеринг.

„Вечер“ објави детали за сторијата. Илија Мерџановски од Љубанци е Македонецот кој беше крвнички убиен на својот именден.

Според авганистанската полиција, македонскиот државјанин имал 37 години и патувал на работа со локален шофер. Заедно со неговите колеги биле киднапирани во периферијата на Кабул, а подоцна телата им се пронајдени во автомобил оставен во областа Мусаши.

-За Иле, како што го викаат неговите соседи, сите имаа само убави зборови. Неколкупати досега бил во Авганистан, а последната мисија која не ја доврши ја почнал пред три месеци. На далечната и многу опасна печалба отишол со желба заработените пари да ги вложи во рибникот. За жал, неговата мисија беше прекината прерано и без никаква причина. Освен судбинска. Киднапирањето во Авганистан од страна на милитантските групи е голем безбедносен проблем, а освен локалното население, на мета најчесто им се и странци, пишува Вечер.

– Дај боже да се потврди дека е неточно. Еве, први соседи сме, а немам сила да појдам да им пружам рака за сочувство. Ова е трагедија. Илија и неговиот брат се израснати без татко, еве сега и неговите две дечиња останаа без родител, вели за Вечер еден од жителите кој заедно со уште двајца соселани беа покрај селската чешма. Неверување и тага и покрај куќата на неговите блиски. Во дворот ширум беше отворена капијата, а пред влезната врата стоеја неколкумина облечени во црнина. Беше премногу болно да влеземе, па затоа се упативме кон рибникот на крајот од селото, каде што Илија планирал да продолжи со бизнисот кој го започнала пред три години.



Извор: Курир



Претходна статија

ГОРДАНА ВИНЧИЌ: ЗА ДА ТВОРИШ ВО ОВОЈ НЕСИГУРЕН СВЕТ ТРЕБА ДА БИДЕШ МАЛКУ ЛУД

Следна статија

АМЕРИКАНСКИОТ СЕНАТ ГО ПОЗДРАВИ ДОГОВОРОТ ЗАЕВ-ЦИПРАС

Најново од Вести