|

Град Скопје ќе го субвенционира ЈСП со 12 милиони евра

ЈСП „Скопје“, „Лајка“ и „Улици и патишта“ и во 2023 година ќе добиваат субвенции од Град Скопје.

За јавното сообраќајно претпријатие е предвиден вкупен износ од 740 милиони денари, односно околу 12 милиони евра, од нив 130 милиони денари за бесплатен превоз на возрасни лица во вторник, петок, сабота и недела, и за бесплатен превоз на редовни студенти на додипломски студии на државните универзитети. Дури 550 милиони денари ЈСП ќе добие за потешкотии во работењето, а останатите 60 милиони денари ќе бидат наменети за функционирање на АЛВ и систем за интелегентна наплата.

-Изминатиов период цената на нафтата кој е основен енергенс и најголем материјален трошок на претпријатието драстично се зголеми со што дополнително се зголемија трошоците, и се загрози нормалното функционирање на ЈСП . Со цел надминување на ваквите состојби  и подобрување на квалитетот на јавниот превоз на поширокото подрачје на Град Скопје, во Буџетот на Град Скопје за 2023 год, за ЈСП „Скопје“ Скопје предвидени се 550.000.000,00 денари за потешкотии во работењето – се вели во образложението на предлогот за субвенционирање.

ЈП „Лајка“ наредната година од Град Скопје ќе биде поддржано со 10 милиони денари, затоа што претпријатието не ги остварило своите приходи, а општините во градот Скопје не ги подмируваат своите обврски навремено, па ќе се субвенционира преку ставката за потешкотии во работењето, од причина што претпријатието се наоѓа во незавидна економска состојба и овие средства треба да придонесат за извесна материјална консолидација на претпријатието.

Градот Скопје ќе го субвенционира и ЈП „Улици и патишта“ за одржување и оперативни трошоци на Центарот за управување и контрола на сообраќај со износ од 20 милиони денари.

Извор: слободен печат

Слични Објави