Градоначалникот на Благоевград за нападот врз бугарскиот клуб „Цар Борис III“ во Охрид: Да не подлегнуваме на провокациите, луѓето од двете страни на границата не се непријатели

//

Градоначалникот на Благоевград Илко Стојанов излезе со став во врска со објавените информации за нападот врз бугарскиот културен клуб во Охрид.

„По повод акцијата извршена од маскирани лица кои ги искршија стаклата на бугарски клуб во РС Македонија, би сакал да ве повикам да не подлегнуваме на провокации. Луѓето од двете страни на границата не се непријатели. Секој обид да се сугерира нешто различно, може да доведе до ескалација на тензијата, нешто што никому не е потребно. Има многу докази дека постојат добри односи меѓу Благоевград и општините во Република Северна Македонија. Жители на Благоевград секојдневно го посетуваат нашиот сосед, а тука доаѓаат и граѓани на РСМ. За жал, поединци и/или организации се обидуваат да поттикнат омраза, што може да доведе до агресија. Ова не треба да се дозволи“, вели градоначалникот Стојанов.

Тој потсетува дека неодамна граѓани на Република Северна Македонија организирале приватен настан во Благоевград, кој го претставиле како отворање на Македонскиот културен клуб.



„Иако јас како градоначалник и голем дел од моите сограѓани не ја признаваме оваа канцеларија како културна институција и иако никој немаше побарано дозвола од Општината, а не беа добиени официјални документи, иницијативата се случи. Јавниот ред не беше нарушен, не беше дозволена тензија. Апелирам да биде така и во иднина! Ова е вистинскиот пат“, коментира градоначалникот Стојанов.

Претходна статија

Најголемиот пловен објект ќе биде огромен град и ќе чини 8 милијарди долари

Следна статија

Додека едните штедат, Арачиново потрошило 474 проценти повеќе струја во октомври за разлика од минатата година

Најново од Вести