Градоначалникот на Софија, Терзиев: Пречекувањето на останките на цар Самоил е големо достигнување на бугарската дипломатија
Пред повеќе од илјада години цар Самоил го одбрани Средец. Денес Средец достојно го пречекува. Ова го напиша на својот профил на Фејсбук градоначалникот на Софија, Васил Терзиев, пренесува Novini.bg.
„За мене како градоначалник ова е особена чест. Нашиот град има свое место во историјата на овој бугарски владетел — историја што заслужува да ја познаваме и да им ја пренесуваме на нашите деца.
Во 986 година војската на императорот Василиј II го опсадува Средец. Дваесет дена градот ја издржува опсадата. Самоил, кој во тоа време се наоѓа во западните бугарски земји, се упатува кон опсадената тврдина, а византиската војска е принудена да се повлече. Набргу потоа, кај Трајанова порта, бугарската војска ѝ нанесува еден од најтешките порази.
Средец останува бугарски. А отпорот на нашиот град станува дел од една од големите победи во бугарската историја.
Има и друго, помалку познато сведоштво за силата на она што Самуил го остава зад себе.
По неговата смрт и покорувањето на Бугарија, самиот Василиј II ги потврдува правата на Охридската архиепископија. Во своите повелби тој се повикува на бугарските епископии во времето на царевите Петар и Самоил. Меѓу нив е и Средец.
Дури и по губењето на државната независност, бугарското име и црковниот континуитет остануваат. Оваа историја нè потсетува колку се длабоки нашите корени и колку е голема одговорноста да ги чуваме.Денес посмртните останки на Самоил наоѓаат спокој во „Света Софија“ — храмот што му го дал името на нашиот град. Тука генерациите по нас ќе можат да му оддаваат почит на владетелот што ѝ го посветил својот живот на Бугарија.
Овој ден е големо достигнување на бугарската дипломатија. Им благодарам на сите што низ годините работеа за него, како и на Грција за разбирањето што го овозможи.
Има длабока смисла во тоа што една историја обележана со војни денес нè обединува преку пријателство и заемна почит. Денес Бугарија и Грција се дел од едно европско семејство во кое разликите не нè разделуваат, а заемната почит и заедничките вредности ни помагаат да градиме заедничка иднина. Нашата национална гордост може да оди рака под рака со почитта кон другите. Така сакам да им го пренесеме сеќавањето на нашите деца — без омраза кон другите, но и без да се заборавиме самите себе.
Историјата не започнува со нас. Од нас зависи како ќе продолжи да живее сеќавањето на неа.
Денес Софија го пречекува Самуил со почит. И со одговорноста да ја одржува жива приказната за него“, напиша Терзиев.
