| | |

Грчките „доблести“ и глупостите на „Њујорк Тајмс“

Пишува: Атанас Величков

На 1 август 2017 г. бугарскиот информативен сајт „Клуб Z“ пренесува Facebook статус на поранешниот министер за надворешни работи на Бугарија Николај Младенов, со триумфалистичкиот наслов „Балканот веќе не е бурето барут на Европа“. Причина за статусот на поранешниот прв дипломат на Бугарија е потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, меѓу Бугарија и Република Северна Македонија. Тогаш пред речиси 7 години, двајцата премиери Борисов и Заев ги собраа овациите на сите оптимисти. Изгорените во виорот на односите меѓу двете земји останаа резервирани. Критизерите, оние кои направија кариера од својата голема македонштина респективно бугарштина, продолжија да солат памет, давајќи ја така модерната денес на исток од овде „друга гледна точка“.

За жал Балканот речиси 7 години по оптимистичкиот став на почитуваниот Младенов си останува „бурето барут на Европа“, а после написот објавен 19 јуни 2024 г. во угледниот американски весник „Њујорк тајмс“, посветен на дипломатското минско поле, околу прашањето чиј е Александар Велики, треба многу сериозно да зажалиме дека овде во крајот на XIX и почетокот на XX век немало да речеме изразена германска или британска пропаганда. Протестантските мисионери (американската пропаганда) постигнала одредени успеси,но американката мис Елена Стоун, останала во нашата историја само со своето грабнување од страна на Јане Сандански и откупот што бил платен за неа и нејзината соработничка Катерина Цилка.

Да имавме изразени западни пропаганди на Балканот, денес одамна ќе бевме навистина европски земји и немаше да се удираме како топчето од играта пинбал од Европската унија до Српско-рускиот-унгарски свет. Немаше да има потреба млади научници од Република Северна Македонија, да докторираат на тема „Бугарската пропаганда во Македонија и Големите сили 1878-1913“, туку тие ќе си пишуваа само за Големите сили, чии доследни следбеници, со сите доблести и мани, ќе беа токму нашите предци, вечно неразбраните „жртви“ на туѓите пропаганди.

Пропаганди бугарска, грчка и српска замислете само каква беда е тоа. А експонентите на тие пропаганди? Осудениот на вечно цитирање Васил К’нчов заради неговата „Македониja. Етнографија и статистика“, грчкиот владика Германос Каравангелис и неговите соработници Павлос Мелас и Коте од Руља… Јован Бабунски и Глигор Соколовиќ (чичко на „великанот од Небрегово“). Кај бугарската пропаганда намерно ги пропуштаме Гоце Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров и сите останати „подобни“ за македонизмот комити и војводи, оти тие додека биле во служба на бугарската Екзархија и примале плата од истата, како што е прифатено да се верува во Република Северна Македонија, ја рушеле истата таа пропапаганда одвнатре. Ако си дозволиме да го парафразираме мандатарот Мицкоски „и да не било така, тоа не се кажува јавно“. За тоа докторите на историските науки треба да се изјаснат.

Во споменатиот погоре во текстот материјал објавен во Њујорк Тајмс под насловот „Чиј е Александар Македонски? – Тоа е дипломатско минско поле“ се изјаснил токму таков еден млад и перспективен професор доктор историчар, кој наместо да даде некое разјаснување за тоа колку „погубна“ била бугарската пропаганда во Македонија, е цитиран дека Бугарија се однесува кон Република Северна Македонија исто како што се однесува Русија кон Украина. Проф. д-р Никола Минов (така се вика цитираниот научник) дури си дозволува да каже и друга ноторна лага, а имено дека „тие (Бугарите) велат: Вие не постоите“. Таква глупост, не кажал ниту еден сериозен политичар, научник или било каков општествен работник во Бугарија, но тоа не е важно. Важното е дека авторот на статијата Ендрју Хигинс, одлучил дека е сосема во ред, да цитира еден научник историчар, кој наместо историски осврт, му се претставил со една чиста демагогија за наводното „насилство“ што Бугарија го врши врз „ожалостена“ Македонија. И во „Њујорк Тајмс“ работат секакви дилетанти.

Треба да се каже дека во статијата сосема коректно е напишано дека дел од спомениците во центарот на Скопје се на бугарски историски личности, дека царот Самоил е бугарски цар од X век, но тоа не значи дека таа статија треба да биде примена со воодушевување во Бугарија. Материјалот повеќе наликува на пофалба за Грција која успеала да си го одбрани минатото и Александрос Мегалос, наликува на исмевање кон современите Македонци, кои си земаат што ќе им се допадне од историските ликови на соседите, а исто така е и директен напад врз Бугарија, која во написот е претставена како злосторник од рангот на Путиновата Русија. Ако тоа не е така, каде е контра-тезата на зборовите на младиот научник Минов? Побарал ли авторот Хигинс, некој македонски Бугарин, за да го праша, што мисли по прашањето чии е Александар Македонски и дали е во ред Бугарите да им велат на Македонците вие не постоите?

Бугарија треба навистина сериозно да се запраша, дали сака да биде споредувана со Русија, кога се работи за одбраната на Бугарите во Република Северна Македонија и за зачувувањето на нејзиното културно и историско наследство на територијата на оваа земја. Дали Бугарија како држава на повеќе од 1300 години, може да си го дозволи луксузот, да ги остави без одговор ставовите изнесени од еден млад научник, кој како што веќе наведовме докторирал на тема „Бугарската пропаганда во Македонија и Големите сили 1878-1913“, ставови објавени во еден од „најугледните“ американски весници „Њујорк Тајмс“. Ако е во ред сето тоа, тогаш можеме да се радуваме дека поранешната министерка за култура Бисера Костадинова-Стојчевска сакала да го тргне од центарот на Скопје споменикот на царот Самоил оти „ѝ бил грд и оти Бугарите се лутеле“. Меѓудругото споменикот на царот Самоил во центарот на градот воопшто не е грд, но беше нагрден со оној набрзина и неписмено ишкртан графит „ца на Македонија“ со зелена боја, кој уште не е исчистен, најверојатно од страв, дека некој за некого ќе помисли дека не го признава овој средновековен монарх за македонски цар.

Да резимираме, што научивме од статијата на Ендрју Хигинс во „Њујорк тајмс“. Александар Македонски е дел од грчкото културно-историско наследство, одбранет достојно од Грција со Договорот од Нивици. Царот Самоил е бугарски цар од X век, кој има „грд“ споменик во центарот на Скопје. Македонците си „присвојуваат“ историски ликови за да си ја изградат нацијата, а Бугарите се националисти, кои им велат дека не постојат. Освен тоа Бугарија се однесува со Република Северна Македонија исто како што се однесува Русија на Путин со храбрата Украина.

Навистина би требало да жалиме дека на Балканот, наместо бугарски, грчки и српски пропаганди немало изразени германски или британски. Од минатото нема како да избегаме, залудно е да го дотеруваме. Си го влечкаме со нас, како досаден помал братучед, што мораме да го чуваме, додека не се приберат неговите.



Слични Објави