|

Грковска: Ќе следува широка јавна расправа за законот за конфискација на имот во граѓанска постапка по добивање на мислењата од ЕУ и Венециската комисија

Работната верзија на текстот на предлог-законот за конфискација на имот во граѓанска постапка, која изминатиот месец ја подготвуваше работната група предводена од заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, ќе се достави до Европската Унија и до Венециската комисија. По добиените мислења, предлог законското решение ќе биде разгледувано на јавна расправа пред пошироката јавност со цел да се донесе функционален и применлив закон, усогласен со меѓународните стандарди.

На денешниот состанок на работната група, покрај Грковска, присуствуваше и министерот за правда, Кренар Лога. И двајцата се согласни дека овој закон е неопходен за да се зајакне борбата против корупцијата во нашата држава. Со законот ќе се овозможи воспоставување дополнителен механизам за успешно спречување неосновано збогатување и конфискација на имот што не бил стекнат од законски извори.

Работната група што го подготвува овој закон е составена од претставници на: кабинетот на заменикот на претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Државната комисија за спречување на корупцијата, Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Министерството за финансии, Управата за јавни приходи, Управата за финансиска полиција, Управата за финансиско разузнавање, Царинската управа, Агенцијата за управување со одземен имот, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија – канцеларија за поврат на имот, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Основното јавно обвинителство Скопје, Основниот кривичен суд Скопје, Основниот граѓански суд Скопје, Управниот суд, Државното правобранителство, претставник од академската заедница, како и претставници на Платформата на граѓанските организации за борба против корупцијата и групата за реформи во правосудството, „Блупринт“.

Слични Објави