|

Груби им врати на ВМРО-ДПМНЕ: Ниски сте со нападите, ќе ви ги запреме чешмите

Вицепремиерот Артан Груби за обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека прави милионски бизнис заедно со семејството, одговори дека станува збор за клевета. Тој и врати на опозициската партија: „Не верував дека можете да бидете толку ниски, со напади врз моите членови на семејството без никаква основа и без никаква причина, кои работат во приватниот сектор многу порано пред јас да почнам да се занимавам со политика“.

„Денешните обвинувања и клевети на ВМРО ДПМНЕ и довчерашните на албанските експоненти и нивните познати пријатели во случаите Алфа, Монструм и Дива Населба, освен што се лаги без никакви факти и претставуваат најниско можно ниво на политика, се добро координирани и продолжение на нивната заедничка кампања за оштетување на ДУИ, претседателот, мене и високите експоненти на ДУИ, како и на реформскиот и интегративен пат преку Алијансата за Европа наспроти изолирачките сили предводени од ВМРО и помогнати од некои Албанци, за жал, кои целосно се ставија во служба на овие напори против проевропските сили. Овие обвинувања и други што се шират преку овие експоненти, како кредитот и хипотеката на мојот брат за деловниот објект на неговиот 20-годишен бизнис, се присутни во јавноста повеќе од една година и никој од пропагандистите, Албанци или Македонци, не ги доставува своите „докази“ до институциите, туку клеветите ги користат за политички кампањи, рушење на угледот и дефокусирање“, реагира Груби.

Тој бара од ВМРО-ДПМНЕ, но и од Левица и Албанци кои биле ставени во нивна служба, да го пријават криминалот во институциите.

„Овие клевети и обвинувања никогаш нема да ме спречат мене, ниту моите пријатели, ниту ДУИ, да го демонополизираме секој криминален монопол што го создале, да го либерализираме секој пазар и да им ги запреме чешмите на нив!
Ќе продолжиме со храбри одлуки и политики кои можат да им наштетат на индивидуалните и криминалните групни интереси, но се добри за државата и граѓаните со целосна транспарентност“.



Слични Објави