Груби со „аудито“ влезе и во Собрание: Спасовски дебатираше за флешерите, Јовески за истрагата и побараната оставка
Вицепремиерот Артан Груби, опожарениот автомобил кој го возел и флешерите во него – беа една од темата за дискусија на пратеничките прашања. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки ги прашуваше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и јавниот обвинител Љубомир Јовески.
Прашањето што го упати до Спасовски беше дали му е познато дека ова возило имало полициски флешери и дали ќе преземат нешто во врска со ова.
„Вие како министер треба да знаете дека таква опрема има само во полициските возила и во одреден дел на други државни институции. Сакам да прашам уште колку вакви автомобили има низ Република Македонија кои што дивеат по улиците, дали истите се користат за спроведување на некои црни бизнис зделки и дали чувствувате одговорност за оваа ситуација?“, вели Драган Ковачки.
„Факт е дека најголемите мангупи во сообраќајот се токму носителите на функции не бирајќи ни политички партии ниту функции, ниту пак било што друго. Првите флешери ќе ги видите ако влезете во белата палата, но постојат и во другите политички партии. Апелирам сите заедно како политичари да бидеме пример за одговорност“, потенцираше Спасовски.
Посочи и дека на сите министри во Владата им е укажано кој има право да користи светлосни и звучни сигнализации и додаде дека тоа може да го користат само тие кои се обезбедуваат и се во придружба со полиција.
„Ниту еден друг не смее да има вакви светлосни и звучни сигнализации во своите возила“, рече тој.
Ковачки побара и од јавниот обвинител Љубомир Јовески да одговори дали е покрената истрага за овој случај, особено за тоа дали има корупција во подарувањето на возилото на Груби од лице кое потоа купило хотел за 55 илјади евра, притоа дополнително го праша и дали ќе си поднесе оставка.
Јавниот обвинител Љубомир Јовески објасни дека истрага ќе биде отворена доколку се утврдат елементи на кривично дело од конкретно лице. Потоа, беше побаран и оставка од Јовески.
-Тоа задоволство нема да ви го овозможам, одговори Љубомир Јовески, Републички јавен обвинител за прашањето за оставката.
Пред неколку дена беше запалено фамозното луксузно „ауди“. МВР излезе со информации, но не го поврза со Груби. Подоцна, вицепремиерот излезе со статус во кој се извини на комшиите и пријателот кој е сопственик на возилото.