|

Македонија и Црна Гора ја прошируваат соработката во областа на дигиталната технологија и сајбер-безбедноста

Министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, и министерот за јавна администрација на Црна Гора, Мараш Дукај, во Скопје потпишаа меморандум за разбирање во областа на дигитализацијата и сајбер-безбедноста.

„Со цел конкретизирање на одличните односи меѓу нашите две земји, денеска го потпишуваме меморандумот за разбирање за унапредување на развојните политики и претприемаштвото во областа на дигиталната технологија и сајбер-безбедноста. Зајакнувањето на сајбер-безбедноста, особено во овој период кога технологијата станува сѐ пософистицирана, претставува секојдневен предизвик, кој секогаш бара внимание, посветеност и соработка. Дигитализацијата, заштитата на нашите системи, размената на информации, размената на знаењата, човечкиот капацитет, кој е еден од најважните вредности за секторот на сајбер-безбедност, е во фокусот на овој меморандум“, рече Алиу.

Министерот за јавна администрација на Црна Гора, Мараш Дукај, од своја страна исто така изрази особено задоволство од денешното потпишување на меморандумот:

,,Сајбер-безбедноста станува сѐ поважна во нашите општества, сите земји од регионот се соочуваат со повеќе закани, затоа е неопходна регионална и меѓународна соработка за ефикасна борба против овие закани и за заштита на општеството, економијата и нашата инфраструктура“, истакна Дукај.

Дополнително, на билатерална средба се говореше и за системот за онлајн-плаќање „Пејпал“ (PayPal). Министерот Алиу изјави дека двете земји заеднички ќе аплицираат за да бидат дел од овој систем за онлајн-плаќање:

„Друг голем исчекор е тоа што Северна Македонија и Црна Гора заеднички ќе аплицираат за да бидат дел од системот за онлајн-плаќање ‘Пејпал’ (PayPal) на предлог на самата компанија. Северна Македонија и Црна Гора набргу ќе бидат дел од ‘Пејпал’“, рече Алиу.

Слични Објави