Хамас нема да учествува во управувањето со Газа по војната, светските лидери се подготвуваат за мировен самит во Египет
Извор од Хамас, близок до преговарачкиот комитет на групата, изјави дека организацијата нема да учествува во управувањето со Газа по завршувањето на војната, во време кога светските лидери се подготвуваат за мировен самит за Газа во Египет, пренесува БГНЕС.
Изјавата доаѓа само неколку дена по стапувањето во сила на примирјето меѓу Израел и Хамас, додека двете страни ги разгледуваат деталите на планот со 20 точки на американскиот претседател Доналд Трамп за завршување на конфликтот.
Планот предвидува разоружување на Хамас и исклучување на групата од идното управување со Газа.
„За Хамас, управувањето со Појасот Газа е завршена тема. Хамас нема да учествува воопшто во преодната фаза, што значи дека се откажува од контролата над територијата, но останува суштински дел од палестинската структура,“ изјави изворот за агенцијата АФП, барајќи анонимност поради чувствителноста на прашањето.
Иако во минатото раководството на Хамас било поделено околу клучни теми, како идното управување со Газа, единството останува цврсто во однос на прашањето за разоружување — кое организацијата го смета за „црвена линија“.
„Хамас се согласува со долгорочно примирје и со тоа оружјето да не се користи воопшто во овој период, освен во случај на израелски напад врз Газа,“ додаде изворот.
Друг висок претставник на Хамас изјави дека разоружувањето на групата е „исклучено“.
Според првата точка од планот на Трамп, Газа треба да стане „дердикализирана зона, слободна од тероризам и безбедносна закана за соседите“. Планот дополнително предвидува Хамас да нема никаква улога во идното управување и бара уништување на воената инфраструктура и оружјето на групата.
Во рамки на планот, ќе биде формирана привремена технократска и аполитична палестинска комисија која ќе се грижи за секојдневното управување и јавните услуги.
Извор близок до преговарачите потврди дека тие побарале од Египет, како посредник, да свика состанок пред крајот на следната недела за да се постигне согласност околу составот на комитетот, додавајќи дека „листата на имиња е речиси готова“.
„Хамас, заедно со другите фракции, предложи 40 имиња. Нема никакво вето и ниту едно од нив не е член на Хамас,“ додаде изворот.

