Нов дигитален систем за влез во Шенген зоната: Државјаните на РСМ ќе даваат биометриски податоци
Почна со работа новиот Дигитален систем за влез и излез (ЕЕС) на граничните премини на земјите членки на Европската унија. Станува збор за заеднички проект на сите држави од Шенген зоната, кој ќе функционира на надворешните граници на Унијата. Воведувањето на ЕЕС ќе се спроведува постепено, а според планот, целиот процес треба да биде завршен до април следната година.
Системот овозможува електронска регистрација на патниците кои не се државјани на земји членки на ЕУ — што значи дека и македонските граѓани ќе подлежат на новите правила при патувања во 29-те шенгенски земји, за престои до 90 дена.
Во текот на транзицискиот период, секоја земја членка може самостојно да одлучи кога и на кои гранични премини ќе го имплементира системот. По шест месеци, ЕЕС ќе мора да функционира на сите надворешни граници, а пасошките печати ќе бидат заменети со електронски записи.
Според најавите, системот предвидува земање на биометриски податоци – фотографија и отпечаток од прст – при првиот влез во земја од ЕУ.
Фото: Архива
