(Видео) Светскиот првак Карлос Насар беше пречекан со гајда, леб и сол и ловоров венец во родната Бугарија
На пистата на ВИП терминалот на аеродромот „Васил Левски“, семејството и блиските на Карлос Насар со радост ја дочекаа бугарската делегација која се врати во Софија по уште еден колосален успех на шампионот во кревање тегови. Атмосферата беше свечена – питка, ловоров венец и традиционални гајди го направија моментот уште поспецијален за Насар, кој стана светски шампион по трет пат, јавува БГНЕС.
Суперѕвездата на бугарското кревање тегови слета малку пред 23:00 часот, а половина час подоцна веќе беше во фоајето на аеродромот, каде што одговори на прашањата на новинарите.
Пред медиумите Насар изрази надеж дека ќе освои и втора олимписка титула во 2028 година. Тој истакна целосна доверба во својот тренер Асен Златев, кој успеал да го одржи здрав за време на подготовките и по Светското првенство во Норвешка.
„Се чувствувам на вистинското место кога сум дома. Среќен сум што го исполнив она што го ветив. Медалот е тука, пристигнува со мене.
Со луѓе како Христо Стоичков и сите кои ме поддржуваат – можам да го подигнам целиот свет. Имав и потешки натпревари, а и овој беше сериозен со иранските противници. Три табора играа против мене и затоа двајца од нив не успеаја да земат медали. Малку ме разнишаа во првата дисциплина, но не можеа да ме стигнат во втората.
Меѓу обидите, Пирос Димас ми пријде и ми рече: ‘Сакам да си смирен, ти си најдобар во втората дисциплина’. Јас тоа веќе сум го покажал.
Во глава ми беше само една мисла – да дојде побрзо мојот ред и да покажам дека тоа што се случи беше недоразбирање“, изјави Насар.
Фото: БГНЕС

