Хашкиот трибунал го одби барањето на Ратко Младиќ за привремено ослободување по хумани причини
Хашкиот трибунал го одби барањето на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ за седумдневно привремено ослободување по хумани причини, за да може да го посети гробот и да присуствува на помен за неодамна починат член на неговото семејство, јави регионалната телевизија Ен1.
Младиќ ја поднел молбата на 5 ноември, но претседателката на судот, судијката Грасиела Гати Сантана, ја одбила со образложение дека не биле доставени доволно докази за одобрување на таква мерка. Во решението се нагласува дека прагот за привремено ослободување по хумани причини е „исклучително висок“ и дека вакви барања не биле прифатени и во претходни случаи.
Судијката Сантана потсетува дека Младиќ издржува доживотна казна затвор за „исклучително тешки злосторства“, од која издржал само мал дел. Таа исто така посочува дека Младиќ избегнувал правда речиси 16 години пред неговото апсење во 2011 година и дека повеќепати му било одбиено привремено ослободување за време на процесот и жалбените постапки.
На 1 јуни 2021 година, Апелациониот совет на Механизмот ја потврди осудителната пресуда против Ратко Младиќ за геноцид, прогон, убиства, депортирање и други злосторства против човештвото, како и за прекршување на законите и обичаите на војната, со што беше потврдена и неговата доживотна казна.
Младиќ беше прогласен за виновен за геноцидот врз околу 8.000 босански муслимани во заштитената зона на ОН во Сребреница во летото 1995 година, за прогон и присилно преселување на босански муслимани и Хрвати низ цела Босна и Херцеговина, за тероризирање на цивилното население за време на опсадата на Сараево и за држење како заложници на мировни сили на ОН за време на воздушните напади на НАТО во 1995 година.
Тој беше осуден по 10 од вкупно 11 обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото.

