Украина ќе биде домаќин на неформален состанок на министри на ЕУ за европски прашања во Лавов
Украина ќе биде домаќин на неформален состанок на високи министри на Европската унија задолжени за европските прашања, кој ќе се одржи во Лавов на 10 и 11 декември. Целта на состанокот е да се разгледа напредокот на земјата кон членството во Европската унија, јавува „Киев Индепендент“, повикувајќи се на дипломатски извори, пренесува БГНЕС.
Настанот има за цел да испрати јасна политичка порака за поддршка на украинските евроинтеграциски стремежи, во време кога Будимпешта се спротивставува на напредокот на Киев. Унгарија, која има право на вето, може да го блокира секој следен чекор во процесот на пристапување.
Поканите за состанокот биле испратени заеднички од данското претседателство на Советот на ЕУ и украинскиот вицепремиер за европска интеграција, Тарас Качка.
„Главниот фокус на нашите дискусии ќе биде напредокот на Украина на патот кон членството во ЕУ. Со одржување на состанокот во Украина ќе испратиме јасна и обединета политичка порака дека иднината на Украина е во ЕУ“, се наведува во официјалниот текст.
Украина ја поднесе својата апликација за членство во ЕУ непосредно по почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година и неколку месеци подоцна доби статус на кандидатка. И покрај војната, земјата постигна значителен напредок во реформите за усогласување со европските стандарди.
Унгарија, сепак, повеќепати се спротивстави на украинската кандидатура. На 30 август унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека пристапувањето на Украина „ќе ги уништи унгарските земјоделци, ќе ја загрози прехранбената безбедност на Унгарија и ќе ѝ овозможи на украинската мафија да навлезе во земјата“.
Во јуни, речиси сите земји членки се согласија дека Украина е подготвена да ги започне преговорите за првиот и најважен етап од пристапувањето – „Фундаментални принципи“. За официјалниот почеток на преговорите, сепак, потребна е едногласна поддршка од сите 27 членки на ЕУ.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Кaja Калас, во мај изјави дека Унијата има „план Б и план В“ доколку Унгарија продолжи да го блокира патот на Украина кон членство.
