Херои на четири нозе: Како кучињата помагаат во спасувачките операции по земјотреси
Кучињата се обучени да го душкаат човековиот мирис, да стојат мирни и гласно да лаат за да ги предупредат своите водичи дека пронашле живот, пишува „Ал Џезира“
Неколку часа по двата силни земјотреси и стотиците последователни потреси што ги погодија југоисточна Турција и северозападна Сирија на 6 февруари, во Турција почнаа да пристигнуваат многу потребните спасувачи -К9 тимовите од целиот свет.
К9 е куче специјално обучено да им помага на безбедносните сили и тимовите за итни случаи во спасувачките операции, борбата против дрогата или други. Овие кучиња, меѓу другото, потекнуваат од Ел Салвадор, Германија, Мексико, Катар, Јужна Кореја, Швајцарија, Украина и САД.
Спасувачите на четири нозе, кои можат да најдат жртви само по мирис, се потребни за да им помогнат на турските тимови во очајничките операции каде што се урнаа згради високи до 14 ката, што го отежнува пронаоѓањето на преживеани по вид или звук.
„Редог“, волонтерски тим К9 од Швајцарија, е на терен во турскиот град Искендерун, кој работи со локалниот тим „ГЕА“.
Од пристигнувањето на 6 февруари, тим од 10 луѓе и шест обучени кучиња заедно со „ГЕА“ досега пронашле 39 живи луѓе под урнатините.
Второто куче ги потврдува наоди од првото
Кучињата се обучени да го душкаат мирисот на една личност, да стојат мирни и гласно да лаат за да ги предупредат своите водичи каде го нашле. Второто куче потоа се ослободува за да се види дали може да ги потврди наодите од првото.
Ако двете кучиња потврдат, тоа им овозможува на човечките спасувачи да ги фокусираат своите напори за копање на тоа конкретно место додека не го пронајдат лицето.
„Мислам дека тоа е еден од најемотивните моменти во мојот живот… моментот кога едно од нашите кучиња ни сигнализира дека пронашло некои луѓе во урнатините“, изјави за „Ал Џезира“ Матијас Гербер, заменик-шефот за пребарување урнатини во „Редог“.
Кучињата работат по цел ден во тимови од тројца по урнатините, наизменично во смени од 20 минути, по што следуваат паузи од 40 минути.
Во еден случај, откако нивните кучиња сигнализирале локација каде се закопани луѓето, спасувачките тимови почнале да копаат на местото и набрзо слушнале тропање од зад урнатините на жртвите заробени внатре, потврдувајќи го она што кучињата веќе го откриле.
„По осум часа напорна работа, тие спасиле четири лица“, изјави за Ал Џезира Џијан Форстер, водач на тимот „Редог“ кој работи со три кучиња.
Играчка или храна како награда
Секој пат кога кучето ќе најде личност, тоа е пофалено и наградено со играчка или храна.
„Тој сака да наоѓа луѓе бидејќи секој пат добива награда“, рече Форстер.
„Главната работа е што кучето се забавува и сака да бара луѓе“.
Ако преживеаниот не е затрупан премногу длабоко, кучињата можат многу брзо да го помирисаат. Но, некои згради во Искендерун имаат шест ката кои се урнати, со 2-3 метри бетон помеѓу секое ниво, што е предизвик.
„Доколку е потребно време за да се појави мирисот, мора да одиме на локацијата и да отстраниме дел од урнатините и да се обидеме повторно. Тоа е прилично тежок процес ако лицето е закопано длабоко“, рече Гербер.
Опишувајќи го неодамнешното спасување, Форстер рече: „Дојдовме до урнатините и почнавме да гледаме на врвот на покривот на зградата и таму не најдовме мирис. И тогаш Џан помисли дека ветерот доаѓа од запад, па ја пребаравме источната страна на урнатините и таму кучињата открија мирис на личност“.
Кучињата кои работат со „Редог“ на теренот во Турција – меѓу нив лабрадори, германски и белгиски овчари, златни ретривери – имаат до седум години искуство во работа во спасувачки мисии и помогнале да се најдат преживеани по катастрофите во Јапонија, Непал и Албанија.
Сепак, вели Гербер, во последните 30 години од неговата работа со кучињата спасувачи, сегашната мисија во Турција носи најголем предизвик и е најтрагичната што тој ја доживеал, со оглед на обемот на уништувањето.
Куче – подобро од која било технологија
„За нашите кучиња е многу тешко да најдат луѓе ако има толку многу урнатини. Тоа е голема пречка за нас. Добро е ако можеме да се вратиме на истото место на урнатините откако ќе се отстранат некои катови и повторно да бараме, бидејќи тогаш ќе имаме шанса да најдеме живи луѓе дури и ако се закопани многу длабоко“, рече Гербер.
„Ужасно е тоа што се случи овде. Сите овие урнати згради, сите оние луѓе кои ги загубија своите роднини, своите домови. Тоа е страшно“, изјави Гербер.
„Среќни сме што помагаме овде со нашите кучиња, да ги извлечеме луѓето живи. Тоа е навистина важно. Навистина ме трога што можеме да помогнеме овде“.
Невладината организација „Нешнал дизестер дог фаундејшн“ со седиште во Калифорнија обучи седум од 12-те кучиња спасувачи распоредени од САД кои моментално бараат преживеани во Турција.
Дениз Сандерс, директорката за комуникации и операции на тимот за пребарување, изјави за Ал Џезира дека кучињата се „многу подобри во откривањето на мириси од која било технологија што ја имаме“.
„Тие собираат миризливи честички во воздухот и потоа го следат својот нос буквално до најсилниот извор на мирис, кој е местото на потенцијалната жртва“, вели Сандерс.
Зборувајќи од минатите искуства во работата по земјотреси, како на пример на Хаити, таа вели дека кучињата покажале дека можат да мирисаат „многу различни мириси кои се многу распрснети во воздухот“, длабоко до 6-9 метри под површината.
„Особено на Хаити, имавме згради високи шест, седум ката кои се урнаа… Знаеме дека кучињата можеа да ги лоцираат преживеаните и да не’ предупредат“, рече Сандерс.
За кучето да биде тренирано и вешто да најде преживеани, природно треба да има нагон, решителност и безгранична енергија, рече Сандерс.
„Ова не е вашето домашно милениче неколку пати да фрлите играчка во дворот, а тој да се измори и да легне. Овие кучиња ќе одат додека не паднат или додека не им кажете дека е време да престанат. Таков вид на издржливост и решителност е токму она што ни треба… Тие се на терен една, две недели и мора да покријат огромна површина, да проверат толку многу различни локации и да зачекорaт низ толку многу различни ридови од урнатини.
Мексиканско куче прогласено за херој
Спасувачките K9 се посветени на својата работа и се соочуваат со истите опасности како и нивните човечки колеги.
Протео, германски овчар кој работел со мексиканскиот спасувачки тим во Кахраманмарас, го загубил животот кога врз него паднале остатоците од зградата што ја барал. Мексиканското Министерство за одбрана го прогласи за херој.
Gracias #Proteo por tu heroica labor, cumpliste la misión #perrito del #EjércitoMexicano #fuerzaturquia #sismo #esperanza pic.twitter.com/bQdgxT3wnH
— @SEDENAmx (@SEDENAmx) February 12, 2023