ХОЛАНДСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ДЕНЕСКА ОДЛУЧУВА ЗА СТАРТ НА ПРЕГОВОРИТЕ СО МАКЕДОНИЈА И АЛБАНИЈА
Холандскиот парламент денеска треба да расправа за проширувањето на Европската унија и одлуката за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија за пристапување кон Унијата, објави холандската телевизија НОС.
Холандската телевизија наведува дека двете земји повеќе години работат на добивање датум за почеток на преговори со ЕУ, но засега тие се оставени на чекање, додека ставот на Холандија е дека земјите, особено Албанија, се уште не се целосно подготвени.
Холандскиот парламент на 12 јуни годинава веќе расправаше за отворање преговори со двете земји. Парламентарците тогаш се согласија да бидат отворени преговорите со Северна Македонија, но со мнозинство гласови донесоа резолуција против старт на преговори со Албанија.
