ХРВАТИТЕ ЖЕСТОКО УДРИЈА ПО НАШИОТ АДЕМИ: ТИ НЕ ЗАСЛУЖУВАШ ДА БИДЕШ КАПИТЕН НА ДИНАМО!

Фудбалскиот репрезентативец на Македонија, Аријан Адеми и неговиот соиграчи од Динамо Загреб се најдоа на жесток удар на хрватската критика, откако не се согласија на предложеното намалување на платите поради финансиските проблеми во кои се најде клубот по пандемијата со коронавирусот и целосниот прекин на спортските активности во светот.

Додека голем број ѕвезди низ светот донираат лични средства, како за борба против Ковид-19, така и за подобрување на финансиската ситуација на оние најпогодените од кризата, ѕвездите на загрепчани кренаа глас против најавеното кратење на платите. Поради тоа, реномираниот „Вечерњи лист“ излезе со ептен критички коментар против фудбалерите, а меѓу најнападнатите е и нашиот Адеми, за кого се смета дека можел да го смири бунтот меѓу соиграчите.

„Фудбалерите покажаа дека не живеат во реалниот свет и дека ја немаат реалната слика за обичниот хрватски работник, но и за тие што деноноќно се борат против коронавирусот за месечна плата од 700 евра. Тие заработуваат од 200.000 до 700.000 евра годишно, но не сакаат да се откажат ниту од мал дел од овие огромни суми. Тие можеби имаат правна основа, но не и морална. Особено за критика е Адеми, кој како капитен и шеф на соблекувалната мораше да влијае врз соиграчите да го прифатат намалувањето. Тоа е истиот фудбалер кој беше суспендиран на две години поради допинг, период во кој клубот целосно му ја исплаќаше платата застанувајќи зад својот капитен. А сега, тој враќа на ваков начин, покажувајќи дека парите му се поважни од Динамо и од луѓето кои работат во него. Поради тоа треба да му се одземе капитенската лента. Не заслужува да ја носи“, пишува меѓу другото во посочениот коментар.

Според хрватскиот медиум, Адеми има годишна плата од околу пет милиони куни односно 700.000 евра.

Извор: Спорт1