И ПО ВЛАДАТА НИШТО НОВО
Почитувани, вчера имавме седница на Владата во Куманово. И за големо чудо, ништо не ни се смени. Надвор повторно загаден воздух, ѓубре повторно на сите страни. Животот во стариот формат. Значи сме можеле и без Владата, како и сите овие години, кога Куманово е на маргините на задоволувањето на интересите на граѓаните.
А што се случи со граѓанскиот револт и протестите? Во недела имавме спонтан собир на граѓани, малку партиски организиран, за спречување на загадувањето на воздухот. Имавме убава кореографија со заштитни маски. Пароли со јасни повици дека веќе не се издржува.
А што имавме на денот на седницата? Кога Куманово јасно требаше да и порача на централната власт дека нешто многу не функционира и дека мора да има промени под итно. Немавме ништо!!!
Единствено ДПМНЕ се обиде да протестира, но со слаби резултати. Посетеност многу слаба за најсилната опозициска партија. Ги немаше ниту нивните верни членови, а не камо ли да има заинтересирани граѓани, кои би сакале нешто да и порачаат на Владата.
Според мене, некој грдно го згреши тајмингот за протест. Намерно или ненамерно, ама неделниот протест организиран на денот на седницата ќе имаше ефект како настапот на Грета. Вака ништо страшно. Сите се разотидоа без да истапат со барања и време во кое треба истите да се исполнат. Па не зачудува и што после протестот локалната власт уште не знае за што беше сето тоа. Така да повторно се доаѓа до констатацијата дека сме безидејни и зачаурени во својата рамнодушност, без тежнеење нешто навистина да поместиме и поправиме. Па најверојатно добро ни е вака, штом не посакуваме подобро.
Гледано од страна сме станале народ кој заслужува ваква држава. Само дали државата заслужува да ја нарекуваме држава? Дали воопшто и треба население како еден од трите конститутивни елементи? Или и без нас се може?
Автор: Перица Спасовски, претседател на ГДУ-Куманово
