Имаме план за справување со блокадите на опозицијата, тврди Социјалдемократскот сојуз
СДСМ има план како да се справи со блокадите од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија велат дека најавата за засилени блокади на Мицкоски е најнеодговорниот чин во време на најголема економска и енергетска криза после Втората светска војна, кога Собранието треба да носи брзи и ефикасни решенија за граѓаните.
„ВМРО-ДПМНЕ во Собранието блокира неколку десетици закони во интерес на граѓаните меѓу кои и Законот за Клиничкиот центар, Законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта, Законот за службата во Армијата. Ваквото деструктивно однесување на штета на граѓаните не е ништо ново од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски. СДСМ, парламентарното мнозинство досега наоѓале начин за надминување на блокадите, така ќе биде и сега“, велат од СДСМ.
Партијата на власт уверува дека заедно со граѓаните нема да дозволи „ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски државата да ја држат во заложништво заради лични и партиски интереси“.