| |

In Memoriam: Владо Шоферот (Чепино, Каменица, Бугарија 1897-1934 Марсеј, Франција)

Пишува: Владимир Перев

1.
Навршуваат деведесет години од историскиот чин-атентатот врз кралот Александар Први Караѓорѓевиќ во Марсеј, Франција. Во само петнаесетина секунди се промени политичката карта на Европа и се најавија промените во европскиот империјален свет. Се навести Втората голема војна. Атентаторот, бугаринот и македонски револуционер Владо Черноземски/Владо Шоферот, ги отвори процесите на распадот на кралството Југославија и влезе во пантеонот на безсмртните, паднати на полето за слободата на Македонија.

2.
Долго беше посакувана и очекувана смртта на тиранинот Александар Караѓорѓевиќ. Го мразеа сите. Го мразеа унгарците заради теророт спроведен кон нив, го мразеа албанците заради својата обесправеност, го мразеа македонците заради полициското и насилие и беззаконието во Македонија, заради прогонот на членовите на ВМРО, но и на сите кои се чувствуваа како македонски бугари. Го мразеа заради укинатите училишта и гимназии, заради протераните свештеници и владици, заради прогонот на бугарското име и слово. Конечно, најмногу го мразеа блиските, оние кои го доведоа на власт-србите, хрватите и словенците го мразеа заради тоа што отворено ги нарекуваше племе и насилно сакаше да ги подведе под именката југословени. Најмногу го мразеа од неговото опкружување, исплашени од насилните крвави раце на династијата Караѓорѓевиќи, воздигната врз крвта на своите најблиски.

3.
Конечно, обесправените македонски бугари, членови на ВМРО на Иван Михајлов, заедно со хрватските усташи, го формираат кампот Јанка пуста во Унгарија и го чекаат моментот за негова ликвидација. Инструктори во кампот се членовите на ВМРО и доверените лица на Ванчо Михајлов, Владо Черноземски, познат како Владо Шоферот и адвокатот Кирил Дрангов, синот на легендарниот бугарски офицер од Скопје, Борис Дрангов. Тоа е вистината.

4.
Низ светот творците се трудат легендите да ги претворат во вистина. Ние македонците, нашите крвави вистини ги претвораме во легенди. Така, на 9 октомври 1934 година, Владо Шоферот, гледајќи ја нерешителноста на своите усташки колеги, решава да ја преземе судбината на Кралот во свои раце. Својата ја предава на Севишниот. Така, од вистината, се раѓа легендата, опеана ширум низ македонските пространства.

5.
Крајот на монархот-тиранин ги отвора демократските процеси во Југославија. Ако тој ја воведе диктатурата во 1929 година, Владо Шоферот ја врати демократијата во 1934 година, за неколку години подоцна да может да се спроведат одново парламентарни избори во земјата. Независно од резултатите на изборите, притисокот врз “опозиционите“ народности и нации спласнува, за конечно, со притаен страв да се очекува новата светска војна. Југославија, со огромен број жртви ја “преживеа“ војната, но излезе од неа поинаква, организационо и идеолошки променета, “преформатирана“, како би се рекло со денешениот речник. И во таа новата, социјалистичка Југославија, македонските бугари останаа без своите национални права, потиснати од Белград, игнорирани од светот и заборавени од Софија.

6.
Остана нашата семејна меморија, остана идеалот за непостижноста и саможртвата. Во долгите зимски ноќи, седнати покрај печките, ги слушавме расказите на нашите баби и дедовци, за “параходот и Марсеј, за Владо Черноземски, за Ванчо Михајлов“, за херојството опеано во песна. Во летата, ситуацијата беше поинаква. Вратени од тешката полска работа, седнати пред селските крчми, преморените селани, по неколку чашки ракија, тивко ќе ја запееја песната за “Владо Черноземски“. Во тоа време, тоа беше единствениот отпор-ракијата и песната!

7.
Постоеше надеж за промена по 1990 година. Тоа не се случи. Водечките македонски партии, СДСМ и ДПМНЕ, стегнати во менгемето на Белград и посткомунизмот, не успеаја да ги валоризираат вредностите од пораките на Иван Михајлов. Неговите “Спомени“, “По трнливиот пат на македонското ослободително дело“, како и “Македонија-Швајцарија на Балканот“, останаа напрочитани, неразбрани и неприфатени. Затоа сме овде каде сме, во овој национален и политички безизлез, во омраза кон сѐ околу нас и кон нас самите…како да сме вистинските наследници на Караѓорѓевиќи!

8.
Атентатот врз омразениот Крал и саможртвата на Владо Шоферот се последниот трепет на военото крило на ВМРО. Од тој миг натаму, почнува политиката, а македонските бугари, до пред само неколку години, остануваат без заштита, на бурното море на балканските омрази.

За мене лично Владо Шоферот останува мојот херој од детските соништа, ангел-одмаздник на напатениот народ кому му припаѓам, легенда преку која верувам во безсмртието.

Слава му!

Слични Објави