In vino veritas: Во “сенката” на Белград
Facebook статус на Никица Корубин
Откако Отворен Балкан се претвори во “саем за вино” станаа полесни “економските” дружби перцептивно далеку од политиката. Па, каде може политика после чаша вино и добра песна? Тука се’ е искрено и невино, тука се поврзуваме регионално и економски, тука “тече мед и млеко”, нема никакво зло и тензија. Тие се оставени за “теренот”, особено оној “религиозниот”. Од каде што почнува секој “квалитетен” судир и омраза, каде, ако не во најдобрите паравани: патриотизмот и религијата. Или уште подобро споени, религиозниот национализам.
Не е познато дали помеѓу две чаши вино, или на сред песна, станало збор за регионалните случувања и тензии, особено после вчерашното предупредување на украинскиот претседател дека Балканот е следниот на мета, односно дека “една балканска држава може да нападне друга балканска држава” како вовед во поширок регионален конфликт, односно дали се “нагаѓало” која може да е таа држава? Или тоа е премногу невоспитано и безобразни да се праша домаќинот? Но, од друга страна пак, дали е исто така невоспитано и безобразно да се праша дали ова дружење е приватно или државно, односно дали сите граѓани “пијат и се веселат” претставени од државните претставници? Се сомневам.
А, сомнежот стана главната оска на секојдневните случувања. Се’ е сомнително, и особено се’ треба да се зема со резерва. Освен она што е очигледно. Невидливата “координација” околу провидниот обид: недопирливоста на имотите на МПЦ-ОА. Доволно е само да се каже “црковен имот” и како да престануваат да важат сите закони.
Како инаку да се протолкува очигледната провокација со “малку религија” (15 метарски крст) со желба за “многу национализам” (очекувана реакција). Реакција која инаку ја добивме од оние кои треба да бидат најрационални: нашата партократија која ја сака контролата. Ама, која контрола, контролата на ситуацијата или контролата на потенцијалната дестабилизација?
Она што е интересно е што конечно, јавно се обединија македонската власт и опозиција. Во молкот. Власта беше “претставена” од апсолутно несекуларното и пристрасно соопштение на секуларен орган каков што е Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, опозицијата веројатно е “претставена” од самата МПЦ-ОА, особено во оваа “српско автокефална” фаза, а гласна беше само “албанската власт”.
Толку гласна, што ги надмина дневните политикантски битки со албанската опозиција и згази на опасен терен. Целта е смирување или “потпалување” на тензиите? Кои патем речено треба да се утврди кој ги спроведува. Кој ги посакува е прилично видливо.
Ако некој го слушаше Албин Курти, при објаснувањето на реакцијата на косовската држава на терористичкиот напад во Бањска, ќе видеше необична сличност со “перформансот со крстот”, баш сега и баш таму. Бидејќи веројатно не сакаат или не смеат да го слушаат, парафразирано звучи вака: “религиозните објекти се мамката за судир, поради очекуваната реакција за нивна заштита; што и да прави државата во справување со конкретен проблем, треба да внимава на нив”.
Односно на “повикот” со ставањето да бидат “срушени”. Во мирнодопски услови, агресивната религиозност може да се третира како религиозно право или “обележување на територија”. Во вонредни и потенцијално конфликтни услови, ваква религиозна агресивност е само едно: провокација и повик. За “христијанска мир и љубов”, сигурно не.
И зошто тогаш “вино и песна”? По која “вистина” се оди во Белград, од чија “сенка” официјално натовско и ЕУ Скопје, не успеа да изрази ниту една реакција на револт или несогласување со постапувањето во однос на Косово? Во однос на загрозената целовитост на БИХ? Во однос на опасноста од регионален судир? Што точно “славиме”, блокираните уставни измени? И што премолчуваме, тоа што е оставен простор до деќември, и од самата Бугарија, за завршување и на оваа обврска, за отварање на првите поглавија?
In vino veritas. Она што очајно се крие “трезен”, во секојдневната контролирана комуникација на “јавноста”, излегува на површина во “пијана” несигурна позиција на притисок од настаните, контекстот и времето. Обврските се јасни, ветувањата непознати. Време е за акција. Ама не на “крстови преку ноќ”, “национал-шовинизам преку ден” и “сите сме за Европа” од сенката на Отворен Балкан.
Време е за уставни промени. И сите го знаат тоа. Ама чекаат. Абер ли, време ли, проблем ли? Што и да чекаат, чекаат на наша штета, штета на граѓаните. Да видиме кој мисли на нашата корист. Толку е “исчистен” просторот, што станува невозможно да не се види. Кристално и јасно. Така како што единствено не смее.