| |

IN VINO VERITAS

Латинска поговорка што во буквална смисла значи- Во виното лежи вистината. Луѓето под влијание на алкохолот се посклони да си ги изнесат скриените мисли и желби. Алкохолот е средството кое ги ослободува од ограничувањата на општеството, од бариерите што онака свесни нема да ги надминеме. Па сега прашањето е дали затоа го лимитираме алкохолот во нашите животи? Дали намерно и ставаме кочници на нашата потсвест, за доброто на заедницата?

Чија потсвест сега блокираме, чии мисли и идеи замолчуваме кога со јавни пари, од нашиот скромен буџет плаќаме долгови на приватни винарии? Возвишена е целта да се платат долговите кон лозарите, луѓето да си ги добијат своите со пот натопени пари. Но крајно подмолно и ниско е тоа да биде на штета на сите нас, а на корист само на олигархијата, политичката елита која ни ја управува во празно државата скоро 30 години.

Господа, вино пиеме кога ќе имаме пари, но нафта НИКОГАШ. Скапа ни е за конзумирање.
Зарем навистина мислите дека винариите што вие ги раздолжувате се пред стечај и ликвидација, па им е потребна државна интервенција за да опстанат?! Винариите од тиквешкиот регион ВВ. Тиквеш, Стоби, Камник, Бовин имаат високо квалитетни вина кои со години наназад собираат високи награди на меѓународни натпревари. Вината од нашите лозја, под нашето сонце, одгледани од нашите лозари не смеат да имаат поинаков квалитет, од најдобриот можен.
Сега во висока конкуренција од 7,200 вина од 156 вински региони од целиот свет, на пролетното издание на Mundus Vini, освоиле 20 високи награди од кои 15 златни и 5 сребрени медали. Истите награди ќе ги подигнат од 17 до 19 март на најголемиот вински саем во светот ProWein, каде ќе учествуваат под финансиска поддршка на Министертвото за земјоделство, преку Програмата за поддршка на руралниот развој за 2019 година.
Е сега, Владата преку Министерството за економија им раздолжува долгови кон внатрешните добавувачи-лозарите, а преку Министерството за земјоделство им финансира меѓународен настап за своја промоција. Епа кој може да биде во минус при таква констелација на односите?!

Ние граѓаните на ова парче измачена земја никако не можеме да бидеме во плус, се додека вакви ни управуваат со судбините и финансиите. Даваме за добро на сите, а парите ни се одлеваат во приватни џебови на тајкуните. Нека им на чест.

IN VINO VERITAS, IN AQUA SANITAS (Во виното лежи вистината, но здравјето е во водата) Нека главите ни бидат трезвени и свесни. Инаку…лошо ни се пишува. А водата уште никому не наштетила!

Автор: Перица Спасовски, претседател на ГДУ-Куманово



Слични Објави