СДСМ СО СИГУРНА ПОБЕДА НА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ
До последно се надевав дека СДСМ ќе влезе во борбата против „надпартискиот“ кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, г-ѓа Гордана Сиљановска-Давкова со „вмровски“ кандидат во лицето на министерот за надворешни работи Никола Димитров, но ништо од бизнисот. Консензуалниот кандидат за претседател на СДСМ-ДУИ и останатите пајтон партии од коалицијата се вика Стево Пендаровски и така на изборите во април СДСМ го очекува сигурна победа.
Демократијата навистина не е совршено државно уредување, бидејќи понекогаш, изборот постои само на хартија, а во реалноста опцијата пред гласачите е само една. Во случајот големиот победник повторно е ДУИ, бидејќи, ако пред 5 години Пендаровски „удираше“ по Ахмети, како верен сојузник на груевизмот, денеска токму Ахмети се согласи Пендаровски да го зацврсти заевизмот.
На овие избори гласачите нема да имаат шанса да гласат за вмровски кандидат. Најголемата партија не најде јунак од своите редови, затоа се послужи со кадар на Сорос. Ви изгледа чудно нели? Партијата што преку свои мегафони почна Стоп операција Сорос, сега со Гога @ сорос, ќе се потруди да не ја изгуби претседателската функција, којашто во моментот ја држи Ѓорѓе Иванов, исто така „вмровец“ со педигре на соросоид. Изгледа навистина нема достојни „вмровци“ кои да бидат издигнати за кандидати за преземање на претседателската фотелја.
Потсетувам дека првиот и последен претседател од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кој немал алаш-вериш со комуњарите е покојниот Борис Трајковски. Истиот Борис што СДСМ го нарекуваше „граѓанинот“ и не го признаваше за легитимно избран шеф на државата, истиот Борис пред кого Заев се поклони и го нарече „сограѓанин кој со извонредна енергија, истрајност, мудрост и трпеливост ја извршуваше највисоката функција во државата“.
Можеби позади фактот што ВМРО-ДПМНЕ на овие избори ќе истрча со проверен кадар, што гордо седел до стариот лисец Глигоров и министерувал во влада предводена од државникот БЦ, се крие некаков таен кафе договор меѓу Зајко и Мицко, Пендаровски конечно да стане претседател на државата и еднаш за секогаш да му се исполни таа желба. Сепак, ако ја земеме во предвид неговата симпатична упорност да се појавува како кандидат за претседател, ако не успее сега, во 2024 пак ќе го гледаме со онаа суперменската маичка.
ВМРО-вците можат да почекаат за свој кандидат, и како што тргнала работава со мешавината од интереси и „идеологии“ на двете најбогати партии, најверојатно истиот ќе дојде од редовите на некоја партија која не ја злоупотребува кратенката ВМРО.
До следното извлекување на добитничките бројки пријатели.
Автор: Батко Тане