Военомедицинската академија во Бугарија им оддаде почит на седум донатори на органи, 923 лица чекаат трансплантација
Седум нови имиња беа додадени на „Дрвото на животот“ во Военомедицинската академија (ВМА) во Бугарија, во спомен на донаторите чии семејства годинава дале согласност за дарување органи. По повод Европскиот ден на органодарителството и трансплантацијата, лекари, воени лица и пациенти со трансплантирани органи повикаа на повеќе донатори и подобра информираност, јавува Armymedia.bg.
Во Бугарија, 923 лица чекаат трансплантација на орган. Од нив, 848 имаат потреба од бубрег, 30 од црн дроб, 29 од срце, 14 од бели дробови, а две лица чекаат трансплантација на тенко црево.
Заменик-началникот на ВМА, полковник проф. Владимир Василев, ја истакна улогата на семејствата што донесуваат одлука за дарување органи во моменти на лична загуба.
„Во мигови на огромна лична болка, тие наоѓаат сила да донесат одлука што им подарува надеж и нова шанса на други луѓе. Тоа е чин на исклучителна човечност и благородност, кој ја заслужува нашата неизмерна почит“, рече Василев.
Од почетокот на програмата за трансплантација во ВМА во 2007 година се извршени 119 трансплантации на црн дроб и три на бубрег.
Проф. Никола Владов, началник на Клиниката за хирургија на црн дроб и панкреас и трансплантологија, оцени дека процесот на трансплантација во државата не напредува.
„Не би рекол дека ние, трансплантацискиот тим на ВМА, сме им должници на пациентите. Должници се други луѓе. Ние ги исполнуваме своите обврски и строго ги почитуваме правилата“, изјави Владов.
Тој најави дека се очекува апарат за хипотермична перфузија, кој ќе овозможи работа со повеќе органи од маргинални донатори.
Во обезбедувањето и транспортот на органите учествуваат и припадници на Военото воздухопловство. Капетан Георги Пашев од 16. транспортна воздухопловна база ја потврди подготвеноста на летачкиот, инженерскиот и логистичкиот персонал да продолжи да ги поддржува медицинските екипи.
„Како и досега, можете да сметате на нас и во иднина“, порача Пашев.
На одбележувањето, Сергеј Белалов, спортист со трансплантиран црн дроб, ѝ ја подари на ВМА својата колекција медали од меѓународни спортски игри за лица со трансплантирани органи. Со тоа им изрази благодарност на медицинскиот тим и на семејството на својот донатор.
„Сакам да покажам дека по трансплантацијата можеш да живееш поинаков живот, на поинаков начин – да живееш сто проценти“, рече Белалов.
Тој повика на повеќе случаи на дарување органи, повеќе трансплантации и поголема застапеност на темата во медиумите.
„По успешните трансплантации има поинаков живот, има спасени животи и шанса други луѓе да живеат подолго и поквалитетно“, порача Белалов.

