| |

Полска побара НАТО да го активира членот 4

Во текот на ноќта меѓу 9 и 10 септември 2025 година, воздушниот простор на Полска беше нарушен од повеќе руски дронови за време на масовeн напад врз Украина. Полскиот премиер Доналд Туск потврди дека 19 дронови влегле на полска територија, од кои најмалку три биле соборени, а четвртиот веројатно бил пресретнат. Дел од беспилотните летала погодиле цивилни објекти, вклучително и станбена зграда во градот Вирики, јавува БГНЕС.

Инцидентот се случил преку воздушниот простор на Белорусија, што наложило активирање на итни протоколи, прогласување на воздушна тревога и привремено запирање на летови на неколку аеродроми.

Поради сериозноста на ситуацијата, Полска најави активирање на член 4 од НАТО, барајќи официјални консултации за заканите по националната безбедност. Европските лидери, меѓу кои францускиот претседател Емануел Макрон, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, како и лидерите на Чешка, Литвa и Естонија, остро го осудија нарушувањето на воздушниот простор на Полска и изразија солидарност со Варшава.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека нарушувањето било намерно и претставува дел од обидите на Русија да ја ескалира тензијата во регионот и да ја тестира реакцијата на НАТО. Алијансата потврди дека неколку дронови биле следени, но не било потребно директно ангажирање, иако воени авиони на повеќе земји членки внимателно ја следеле ситуацијата.

Полските власти побараа засилена поддршка од сојузниците, а Европската Унија разгледува опции за нови санкции, модернизација на одбранбените системи и користење на замрзнатите руски средства за поддршка на Украина.

Слични Објави