ИНДИСКИ ДОКТОРИ ОД ПАЦИЕНТ ОТСТРАНИЛЕ БУБРЕГ ТЕЖОК 7,4 КИЛОГРАМИ
Индиски доктори од пациент отстраниле бубрег тежок 7,4 килограми. Се претпоставува дека ова е најтешкиот бубрег, кој бил отстранет кога било во Индија. Бубрезите вообичаено тежат помеѓу 120-150 грама.
Пациентот боледувал од состојба наречена автосомно доминантно полицистична болест на бубрезите, која предизвикува растење цисти насекаде околу органот (бубрегот).
Еден од докторите, кој учествувал во операцијата, рекол дека големите бубрези се вообичаени за пациенти со оваа болест.
„Пациентот имаше лоша инфекција, која не реагира на антибиотици, а масивната големина на бубрегот му предизвикуваше тешкотии во дишењето поради што немавме друг избор, освен да го извадиме“, изјавил докторот.
Иако очекувале голем бубрег за време на операцијата, докторите сепак биле изненадени кога виделе колкав е заболениот бубрег. Како што рекле, другиот бубрег на пациентот е уште поголем.
Најтешкиот бубрег, според Гинисовиот рекорд, е 4,5 килограми, иако постојат податоци за бубрези што биле потешки од овој. Во САД имало бубрег тежок 9 килограми, како и во Холандија – 8,7 килограми.
Извор: Макфакс